Користењето на виртуелната реалност (ВР) може да предизвика необични промени во мозокот, што го покажува новото истражување
Во експериментот, доброволци кои во ВР добиле крилја на неколку часа почнале да размислуваат за тие крилја на сличен начин како за вистински делови од телото.
Дел од мозокот наречен окципитотемпорален кортекс се користи за визуелна обработка на делови од телото, а експертите сметаат дека е „вграден“ низ стотици илјади години еволуција за да препознава човечки екстремитети како дланки и стапала.
Оваа ново истражување, кое го спровеле истражувачи од Пекиншкиот универзитет во Кина, имало цел да испита како окципитотемпорален кортекс реагира на набљудување делови од телото во ВР кои традиционално не се поврзани со луѓето: големи, пердувести крилја.
Тоа што мозокот ги променил своите обрасци на обработка претставува доказ дека тој има вродена пластичност што може да се приспособува на вакви промени.
- Напредокот на технологијата сè повеќе им овозможува на луѓето да ги надминат еволутивните ограничувања, како движење со невидени брзини или дури и летање. ВР дополнително ги поместува тие граници овозможувајќи им на корисниците да искусат отелотворување на вештачки нечовечки телесни додатоци кои биолошки никогаш не постоеле, како крилја - пишуваат истражувачите.
Истражувачите ангажирале 25 доброволци, кои во текот на една недела имале четири сесии од по 30 минути за да ги испробаат своите виртуелни крилја. Добиле задачи за обука, како летање низ обрачи на небото.
Во ВР светот, крилјата целосно ги замениле рацете на учесниците така што тие повеќе не можеле да ги видат своите раце, туку само крилја на местото каде што би требало да бидат рацете. Крилјата биле дизајнирани да ја имитираат вистинската аеродинамика.
Набљудувајќи функционални магнетни резонанции на мозоците на доброволците снимени пред и по периодот на тренинг, истражувачите откриле дека окципитотемпорален кортекс е „репрограмиран“ така што посилно реагира на слики од ВР крилја отколку претходно.
Понатаму, невронскиот образец за крилја станал сличен на образецот што се користи за набљудување човечки раце, особено во десната страна на мозокот (страна која генерално е одговорна за обработка на визуелни прикази на делови од тело кои не се дланки).
Исто така, окципитотемпоралниот кортекс посилно комуницирал со други делови од мозокот поврзани со планирање и координација на движења, познати како фронтопариетални региони.
- Важно е да се напомене дека не тврдимe дека крилјата веќе станале дел од репрезентацијата за телото. Само известуваме дека нивните невронски обрасци на одговор станале значително слични на оние на делови од телото - пишуваат истражувачите.
Претходни истражувања покажуваат дека кога користиме алати или протетски екстремитети, мозокот сепак одржува јасна граница помеѓу тие објекти и остатокот од телото - тие сè уште се доживуваат како нешто надворешно што треба да се контролира.
Со ВР и крилјата изгледа дека е поинаку. Овие импресивни искуства како да прават повеќе од создавање илузија, проширувајќи се до области на вистинско преобликување на она што мозокот го гледа како реалност, дури и надвор од она што значи да се биде човек.
Во иднина истражувачите веруваат дека нивните наоди можат да помогнат во развој на физички терапии (на пример, за ампутирани лица), како и во нашето разбирање на тоа како виртуелната реалност може да се користи за излегување од нашите стандардни начини на размислување.
- Во иднина можеби ќе поминуваме многу време во ВР. Многу нè интересира што тоа би можело да значи за човечкиот мозок - вели психологот Кунлин Веи од Пекиншкиот универзитет.
Извор:
021.rs
Фото: Magnific