Астрономите веруваат дека успеале да го откријат потеклото на една космичка честичка сè до 11 милијарди светлосни години оддалечената галаксија, што претставува значаен чекор во разбирањето на таинствените неутрина.
Се верува дека изворот на честичката што стигна до Земјата е далечна галаксија во која интензивно се раѓаат ѕвезди, наречена Шадоу бластер, пишува ЦНН.
Потрага по изворот на „призрачната честичка“
Неутрината се едни од најзастапените честички во вселената, но поради својата „призрачна“ природа се исклучително тешки за проучување. Немаат електричен полнеж, масата им е незначителна и речиси и да не стапуваат во интеракција со друга материја. Иако се знае дека настануваат во супернови, нуклеарни реакции во ѕвездите и со распаѓање на тешки честички, прецизното одредување на нивниот извор е голем предизвик за научниците.
Настанот што го поттикна ова истражување беше забележан во 2021 година, кога детекторот Ајскјуб, сместен длабоко во антарктичкиот мраз, го регистрира пристигнувањето на неутрино со исклучително висока енергија. Такви неутрина, според зборовите на Ерик Блауфус, истражувач од Универзитетот во Мериленд кој не учествувал во студијата, се забележуваат дури на секои неколку години.
Опсерваторијата веднаш испрати предупредување до астрономската заедница. Иако научниците тргнаа во потрага, почетните набљудувања не успеаја да откријат никакви експлозии на ѕвезди или избувнувања на гама и рендгенски зраци кои би можеле да се поврзат со неутриното.
-Самите неутрина ни кажуваат дека некаде на небото се случило нешто енергетско, но обично не ни откриваат што е точно изворот, колку е оддалечен, ниту каков објект го произвел - појасни д-р Јуџи Урата, водач на студијата и истражувач во тајванската компанија МИТОС Сајенс Ко. Лтд.
Неколку дена по предупредувањето, тимот предводен од Урата имаше повеќе среќа. Со набљудувања со помош на телескоп на Хаваите открија галаксија богата со прашина во која интензивно се создаваат ѕвезди, наречена ЈЦМТ0402−0424.
Тимот ѝ го даде прекарот „Шадоу бластер“. Урата објаснува дека името „Шадоу“ (сенка) го добила бидејќи поради густата прашина е речиси невидлива во оптичкиот, рендгенскиот или гама-спектарот, додека „Бластер“ (експлозија) се однесува на претпоставката дека и покрај скриеноста, може да биде моќен извор на високоенергетски честички.
Дополнителните набљудувања открија клучен детал: галаксијата се наоѓала зад гравитациска леќа. Тој феномен се случува кога масивна галаксија во преден план со својата гравитација дејствува како космичка леќа, засилувајќи ја светлината на пооддалечениот објект зад себе.
-Тој ефект на леќа го засили сјајот на галаксијата и ни овозможи да ја проучиме скриената, компактна област на создавање ѕвезди која инаку би била многу потешка за откривање - рече Урата.
Потрагата продолжува
Сепак, научниците остануваат претпазливи. Проф. Ванденбрук од Универзитетот „Висконскин Медисон“ напоменува дека пронаоѓањето галаксија во близина на патеката на неутриното би можело да биде и случајност, чија веројатност истражувачите ја проценуваат на околу 1 %.
-Потребно е да се забележат повеќе вакви врски меѓу овој тип галаксии и високоенергетските неутрина за да се утврди дали тие навистина се нивни извори - рече тој.
Телескопите како АЛМА и вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ го менуваат начинот на кој астрономите ги проучуваат далечните и прашливи галаксии.
- Ако некои од тие галаксии се воедно и извори на неутрина, тогаш неутрината би можеле да ни дадат целосно нов начин за проучување на тоа како галаксиите создавале ѕвезди, граделе магнетни полиња и ги забрзувале космичките зраци додека вселената била млада - додаде Урата.
Оваа студија ќе ги поттикне идните потраги по извори на неутрина, а користењето гравитациски леќи би можело да овозможи подлабоко разбирање на овие таинствени честички.
- Неутрината ни даваат еден вид „супер рендгенски вид“ кој ни овозможува да ги проучуваме појавите кои инаку се скриени за нашите телескопи, слично како што рендгенот ни овозможува да ја видиме внатрешноста на луѓето и предметите - заклучи Ванденбрук.
Фото: принтскрин/јутјуб