X
 26.09.2023 Живот

Загубата на темното небо е толку болна, што астрономите измислија нов термин за тоа

Човештвото полека го губи пристапот до ноќното небо, а астрономите измислија нов термин за да ја опишат болката поврзана со оваа загуба: „нокталгија“ што значи „небесна тага“.

Покрај загадувањето на воздухот и водата и огромните количества на јаглерод што ги исфрламе во атмосферата, создадовме уште еден вид загадување - светлосно загадување.

Најголем дел од светлосното загадување доаѓа од извори на Земјата. Количината на светлина што ја произведуваме преку електричната енергија е вџашувачка. Ги осветлуваме нашите деловни згради, улици, паркинзи и домови. Се разбира, дел од ова осветлување е потребно за безбедност и сигурност, но голем дел воопшто не е потребно.

Иронично, префрлањето на ефикасно ЛЕД-осветлување често го влошува проблемот. Бидејќи тие видови светла се толку евтини за работа и траат толку долго, многу градски и градежни планери претпоставуваат дека светлата може да се остават цела ноќ, без да ја земат предвид цената.

небо
Фото: Freepik

Само во најоддалечените пустини, диви области и океани можете да најдете небо толку темно какво што го знаеле нашите предци.

Во поново време, поради експлозивниот раст на „соѕвездијата“ на сателитската комуникација, како што е системот „Старлинк“ на „Спејс екс“, во орбитата има повеќе сателити отколку пред една деценија и допрва доаѓаат уште. Тие сателити не само што ги расипуваат астрономските набљудувања во длабоката вселена кога го преминуваат видното поле на телескопот, туку исто така ја расфрлаат и рефлектираат сончевата светлина. Изобилството на сателити предизвикува севкупната осветленост на небото да се зголеми насекаде низ светот. Некои истражувачи процениле дека во просек, нашето најтемно ноќно небо, сместено во најоддалечените региони на светот, е 10 отсто посветло отколку пред половина век, а проблемот само се влошува.

Губењето на ноќното небо има неколку последици - ја губиме богатата традиција на човечкото културно знаење; културите  низ светот и низ историјата го користеле небото како отскочна штица за имагинацијата, пресликувајќи херои, чудовишта и митови во соѕвездијата. Во денешно време жителите на градовите немаат среќа да ги видат дури и најсветлите ѕвезди на небото, а камоли најбледата скица на познатото соѕвездие.

Сите го делиме истото небо и секој може да идентификува исти соѕвездија. Губењето на тој пристап и наследство е губење на дел од нашата хуманост.

И многу животински видови страдаат. Каква корист имаат ноќните видови ако ноќното небо не е многу потемно од дневното небо? Истражувачите идентификуваа неколку видови чии деноноќни ритми се изместени, што ги прави ранливи на предатори (или обратно: неможност ефикасно да се лоцира плен).

Со оглед на штетните ефекти на светлосното загадување, астрономите измислија нов термин за да помогнат во фокусирањето на напорите за борба против него. Нивниот термин, како што е објавено во краток труд во базата на податоци „Арксив“ е „нокталгија“. Во принцип, тоа значи „небесна тага“ и ја доловува колективната болка што ја доживуваме додека го губиме пристапот до ноќното небо.

Справувањето со загадувањето базирано на сателити е друга работа бидејќи тоа ќе бара меѓународна соработка и притисок врз компаниите како „Спејс екс“ да бидат подобри чувари на небото. Сепак, тоа не е невозможно и се надеваме дека еден ден нокталгијата ќе биде минато.

Извор: Space.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот