X
 30.07.2021 Живот

Колкава температура може да поднесе човечкото тело?

Високите летни температури што ги преживуваме деновиве се многу непријатни и вистинска среќа е што во целата година има само ограничен број денови со вакви екстремни температури, иако нивниот број значително се зголеми поради климатските промени. Уште од студиите на НАСА од 1958 година е установена комфорна зона на температурата меѓу 4 и 35 Целзиусови степени, во која, кога влажноста не преминува 50 проценти, луѓето можат да живеат неограничено долго. Но, кога ќе се најде надвор од таа зона, колку висока температура може да поднесе човековото тело?

Покрај многубројните воени истражувања, на ова прашање нема прецизен одговор. Различни лица можат да издржат различни температурни екстреми, а тоа зависи и од начинот на облекување, физичката активност, струењето на воздухот и заштитеноста од сонцето. И пред сè, од влажноста на воздухот. При многу висока релативна влажност на воздухот, човекот може да биде загрозен и на 36  Целзиусови степени, додека во пустините, каде што воздухот е исклучително сув, луѓето можат десетина минути да издржат и на температура од 60 степени.

За да може да ја одржи телесната температура на околу 37 степени, организмот при високи температури на воздухот вишокот топлина ја ослободува, пред сè, преку испарување, односно потење. Меѓутоа, ако релативната влажност околу него е висока, испарувањето е побавно и човекот доживува надворешната температура да е повисока од онаа што ја мерат термометрите.

Поради тоа, во прогнозата се користи таканаречен топлотен индекс, каков што од 1978 година применува американската, како и голем дел од европските метеоролошки организации.

Се смета дека на температура повисока од 54 Целзиусови степени на човечкиот организам неизбежно му следува топлотен удар. Овој облик на хипертермија може да се случи и на многу пониски температури, а врз тоа може да влијаат лекови, алкохол, старост, но и други околности. Спортистите што се натпреваруваат на топло може да бидат во опасност, а статистиките бележат дека почести жртви на жештините се децата заборавени во неразладени автомобили. Топлотниот удар е екстремна состојба на термички стрес и доведува до раст на телесната температура за само неколку минути, вртоглавица, крвавење, колапс на кардиоваскуларниот систем, конвулзија, кома, откажување на мускулите и органите и во најтежок случај - смрт.

Секако, при овдешните температури, колку и да се непријатни, не треба да се грижите сè додека престојувате во проветрени, вештачки разладени простории, консумирате доволно течности и избегнувате директно изложување на сонце во најтоплиот дел од денот.

Извор: Nauka kroz price
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот