X
 30.07.2021 Наша тема

Колумна: Моменталните топлотни бранови нема да запрат во блиската иднина

Тие ќе станат почести и погубни во годините што доаѓаат. Како можеме да ги ублажиме ситуациите предизвикани од климатските промени?

Пишува: Стефан Митиќ, студент на Њујоршкиот универзитет во Абу Даби

Она што е најшокантно во врска со топлотниот бран што го зафаќа северозападниот дел на Пацификот во моментов не е само тоа што тој погоди обично умерено подрачје, ниту дека соборува долгогодишни рекорди на температурата. Шокантното е дека тие рекорди се рушат во толку голем обем. Во Портланд, Орегон, термометрите достигнаа невидени 46,6 °C - што го прави еден од неколкуте градови во регионот каде што претходните рекорди беа поминати за цели 5 °C. Во меѓувреме, топлотните бранови беснеат и во Централна Европа, па дури и во Сибир.

Топлотните бранови се наоѓаат на насловните страници на весници, но на нив се посветува помалку внимание отколку што е потребно. Во 2018 година приближно 300.000 луѓе постари од 65 години починале како резултат на екстремни горештини, главно во Индија и во Кина, што претставува раст од 54% од 2000 година, според извештајот на медицинското списание „Лансет“. За разлика од невремето и поплавите, топлината не доведува до драматични „пред“ и „потоа“ фотографии или, пак, широко распространето оштетување на имотот. Топлината е тивок убиец, нејзините жртви често се гледаат само во ретроспектива, бидејќи статистичарите гледаат огромен раст на лекувања во болница и смрт (фактот дека дури 70.000 луѓе починале како резултат на топлотен бран во Европа во 2003 година, на пример, стана очигледен дури во 2008 година). Топлината, исто така, убива со влошување на состојби како што се проблеми со срцето, така што не можат сите смртни случаи директно да ѝ се припишат.

Климатските промени ќе ги направат топлотните бранови почести и поекстремни. Дури и ако емисиите на стакленички гасови се намалат на нула до средината на овој век, температурите ќе растат со децении понатаму. Значи, потребни се други мерки за да се заштитат луѓето од екстремна топлина.

Владите можат да постават системи за рано предупредување за да ги предупредат здравствените работници, да ги затворат училиштата и да ги прекинат активностите на отворено. Тие можат да ѝ дадат на јавноста предвидувања за непосредните горештини, објаснувања за опасностите и детални совети што да прават. Дигиталните канали, вклучително и социјалните медиуми, можат да помогнат широко да се дистрибуираат ваквите информации, не само во технолошките жаришта како пацифичкиот северозапад. Во 2017 година речиси половина од населението во Дака, главниот град на Бангладеш, биле предупредени на непосреден топлотен бран преку „Фејсбук“. Овој начин на информирање треба да стане практика во поголем број држави.

Подобрената инфраструктура, исто така, може да помогне. Ова вклучува обезбедување области со многу сенки, водни паркови и „станици за освежување“ за да им се помогне на луѓето да се разладат, и пристап до климатизирани „центри за ладење“ каде што можат да најдат засолниште и да спијат доколку е потребно. Ваквите погодности, пак, зависат од посуштинска форма на инфраструктура: сигурен пристап до вода и електрична енергија, чии снабдувања можеби треба внимателно да се управуваат.

Последно доаѓа планирањето. Градежните компании треба да осигурат дека новите домови и канцеларии можат да се справат со екстремната топлина. Постојните згради може да се приспособат со бојадисување на sидовите и покривите во бело или додавање листови бел материјал за да се намали насобраната топлина во урбаните области. Засадувањето дрвја обезбедува сенка и го лади воздухот, а исто така и го подобрува - што доведува до мода за минијатурни „шуми Мијаваки“ засадени во урбани средини. Овие шуми создаваат мал екосистем кој помага да се вентилираат населени места.

Разбирливо, светот е фокусиран на друга здравствена криза во моментов. Но, топлотните бранови, заедно со прекумерната тежина, деменцијата и отпорноста на антибиотици, претставуваат сосема предвидлива закана во децениите што доаѓаат. Времето и сериозноста на пандемијата на коронавирусот не можеа да се предвидат. Овие други далеку попредвидливи и спречувачки кризи се различни. Нема оправдување за неуспехот да се сфатат посериозно овие кризи од страна на поединците, па сè до големите корпорации.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема