X
 27.05.2020 Образование

Студентска колумна: За булингот во училиштата, за длабоките траги врз жртвите

Насилството не е решение. Оние работи што не можеле да ги исправат претходните генерации, можеме ние. Децата се мали нежни суштества, сигурно не сакаме да бидат повредени и да пораснат во насилници

Врсничкото насилство, т.н. булинг со години веќе е главна тема меѓу психолозите, социолозите, педагозите и сите оние што се занимаваат со оваa проблематика, која најмногу ги засега токму децата бидејќи тие се директни учесници. 

Иако за овој проблем многу е пишувано, темата останува актуелна и во модерното современо општество, меѓутоа, според мене, свеста сѐ уште не е крената на повисоко ниво за сите последици што следуваат, како и за децата-жртви на врсничко насилство така и за децата што вршат врсничко насилство.

Брзиот развој на технологијата, искривувањето на вредносниот систем, родителите кои сѐ помалку време им посветуваат на своите деца, и наставниците кои во своите наставни програми не вклучуваат доволно активности од аспект на воспитната задача, придонесуваат оваа со сигурност девијантна појава да биде сѐ поприсутна кај врсниците. Она што сум имала можност да го забележам кај младата популација - насилството од училиште сѐ повеќе се пренесува и виртуелно, т.н. сајбер-насилство. Во последниот период физичкото насилство се заменува со вербално насилство меѓу врсниците.

Пример, еден ученик од основно училиште кажува дека најчесто конфликтите меѓу учениците започнувале со безобразни, недолични и навредливи зборови од типот: голтар, идиот, дебела и сл. Иако не се свесни за тежината на искажаните зборови, тоа би можело да повреди некого, децата тоа секојдневно го користат во честите разговори со своите другарчиња. Една девојка го пренесува своето лошо искуство со своите соученици: „Насилство не сум осетила никогаш премногу, само еднаш кога другарчињата ме турнаа по скали, среќа, помина со мала болка во ногата, децата и девојчињата користеа многу безобразни зборови, не можам ни да ги набројам“.

Исто така, од моите истражувања на оваа тема можам слободно да кажам дека врсничкото насилство е повеќе присутно во поголемите урбани средини, за разлика од помалите средини.
Ова е сериозна тема која остава длабоки траги врз жртвите на врсничкото насилство, земајќи го фактот дека во овој период децата се најчувствителни. Многу деца се плашат да кажат дека биле жртви на насилство од страна на своите врсници без разлика дали се работи за физичко, вербално или сајбер-насилство.

Децата што биле жртви најчесто стануваат интроверти, се повлекуваат во себе, стануваат и целосно асоцијални, Тоа многу може да се одрази и врз подоцнежните години, некои дури може од жртви и самите на крај да станат насилници. За да се намали бројот на жртви деца на врсничко насилство, и да се намали зачестеноста на присутноста на оваа појава, најодговорна улога треба да имаат семејството и образованието (наставници - педагози, психолози) кои се во константна трка за опстанок.

Во продолжение се дадени неколку совети и пристапи кон децата, ако сакаме дa се изградат како добри луѓе кои ќе го засакаат светот околу себе и ќе ги прифатат различните од себе:

1.Љубов! Преку покажување и давање љубов на децата, тие се чувствуваат сакани, па така учат да ги сакаат и другите. ,,Љубовта ќе го спаси светот“.

2.Внимание! Денес родителите, поради брзиот начин на живот, немаат доволно време за своите деца, што е многу поразително. Родители, тешко е, но обидете се да најдете правилен баланс, семејството да биде на прво место, издвојте време за активности со своето дете кое би ја зацврстиле вашата врска. Преку интересни игри, читајте им приказни со поучна содржина, дајте им слобода да ги искажат своите чувства, зборувајте за проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Слушајте ги!

3.Повеќе активности во училиште! Наставниците да вклучат активности каде што децата меѓусебно би можеле подобро да се запознаат, да се мешаат, а не секое дете да седи со едно исто другарче кое го познава, да учат преку игри за дискриминација, девијантно однесување, конфликти, така ќе разберат за тоа дека насилството е лоша појава и ќе станат посвесни во своите постапки кон другите. Бидете иновативни!


4. Ограничете им го времето на седење на интернет на децата! Тоа не значи одземање на слободата, не во лош контекст, оттргнете го вниманието, слободното време да го поминуваат во прошетки, креирање нешто што ќе им биде од корист. А, ако веќе седат, нека не го користат за игри полни со насилство и гледање содржина која не е поучна, туку на учење на некој странски јазик или пронаоѓање корисни информации за училишни задачи. Интернетот е одлична работа, ако се искористи правилно!

Насилството не е решение. Оние работи што не можеле да ги исправат претходните генерации, можеме ние. Децата се мали нежни суштества, сигурно не сакаме да бидат повредени и да пораснат во насилници.


Пишува: Јована Анастасијевскa, студентка на Педагошкиот факултет – Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование