X
 30.11.2018 Технологија

САД се технолошки лидери поради странските работници

Силициумската долина е витален катализатор за американската економија. Таа е глобален центар на дигиталната револуција што го обликува 21 век и тоа што се наоѓа во САД ја направи нашата земја лидер на таа револуција. Земјата ги жнее економските придобивки од тоа што некои од најголемите и најиновативните технолошки компании и истражувачки центри се во рамките на нашите граници, пишува Спенсер Абрахам, поранешен американски секретар за енергетика, во својот коментар за „Бизнис инсајдер“.

Тој додава дека во доцните 70-ти години немало гаранции дека центарот на технолошка револуција ќе биде во САД. Вели дека во тоа време врвниот талент за компјутерски науки бил расфрлан низ светот и на индустријата ѝ требало место каде што ќе се соберат најдобрите за да соработуваат и да прават иновации. Тоа можело да биде каде било, но Силициумската долина завршила во Америка.

- Зошто? Одговорот, во голем дел, е затоа што САД ги отворија вратите за вештите странски работници. По 1965 година, кога САД го укинаа Законот за имиграција од 1924, кој го ограничуваше бројот на луѓе што може да се доселат од секоја земја, американскиот визен систем дозволи значителен број глобални таленти да се соберат во нејзините граници, вклучително и во брзорастечките технолошките центри, како округот Санта Клара во Калифорнија - истакнува Абрахам.

Како резултат на тоа, САД во текот на втората половина од 20 век стануваат дестинација за глобалните таленти за наука, математика и компјутерски науки. Значителен број од овие талентирани работници патуваа во САД од Индија. Голем дел од оние што се доселиле прифаќале работи во регионот кој денес го знаеме како Силициумска долина.

- Кога претседателот Џорџ Х. В. Буш го потпиша Законот за имиграција од 1990, се роди нов тип на виза: H-1B. Новиот закон уредуваше програма која им дозволува на работодавците да вработуваат висококвалификувани странски работници на привремена основа за места за кои е потребно специјализирано знаење. Како резултат на тоа, американските компании можеа да регрутираат луѓе од целиот свет - продолжува Абрахам.

Тој нагласува и дека извештај од 2017 година од Проектот за компетитивност и иновација на Силициумската долина покажал оти 57 отсто од работниците во технолошкиот сектор во заливот на Сан Франциско се родени надвор од САД.

- Во збиен пазар на труд со мала невработеност, овие работници помагаат да се исполни клучен недостиг од работници, што им овозможи на американските компании да останат силни и создаде илјадници работни места за американски работници - истакнува Абрахам.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија