Имајќи ги предвид глобалните тенденции во животната средина, како и националните стратегиски насоки, македонската работна сила има потреба од нови вештини кои се компатибилни со идните технолошки промени. Сепак, од повеќе аспекти, постојната професионална структура и ниво на вештини за развој на економијата во склад со животната средина не соодветствува со проектираните развојни цели. Многубројни анализи укажуваат на тоа дека ниското ниво на вештини на македонската работна сила, вклучително и зелените вештини, е главна причина за скромните перформанси и релативно ниската продуктивност на трудот. Освен тоа, постојат и многубројни административни проблеми со чие надминување треба да се антиципираат промените на зелената транзиција. На пример, зелените работни места не се во списокот на Националната класификација на занимања од 2015 година, но создавањето вакви работни места е предвидено во националните стратегии и акциски планови, вклучувајќи ја Националната стратегија за вработување
Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО
Навлегувајќи сѐ подлабоко во 21 век, во светот се поставуваат многубројни политички и социо-економски предизвици кои наметнуваат потреба од навремена интервенција. Меѓу врвните приоритети се вбројува опасноста од климатски промени и исцрпување на природните ресурси што сериозно ќе го загрозат квалитетот на животот, како на сегашната така и на идните генерации. Освен тоа, потребно е да се обезбеди општествен развој и пристојна работа за сите, со што би се гарантирала благосостојбата на граѓаните, вклучително и на ранливите категории. Овие два предизвици се меѓусебно поврзани и не можат да бидат третирани одвоено.
Тековната енергетска криза придружена со брзи климатски промени наметна зголемен интерес за подготвеноста на општеството да се справи со предизвиците на новото време. Зелена транзиција значи премин кон економски одржлив раст и економија која нема да биде заснована врз фосилни горива и прекумерна потрошувачка на природните ресурси. Притоа, зелената транзиција повлекува и промени во побарувачката за занимања. Имено, се очекува побарувачката за дел од постојните занимања да се зголеми како резултат на „зазеленување“ на економијата, друга група т.н. зелено засилени занимања би претрпеле промена во содржината на задачите, додека паралелно со ова би се појавиле и сосема нови занимања во функција на зелената економија.
Зелените работни места и промовирањето на зелената економија станаа клучни двигатели за постигнување општествен и економски развој кој истовремено е одржлив за животната средина. Според Меѓународна организација на трудот, зелените работни места се дефинираат како вработување во економските сектори и активности со кои се редуцира влијанието врз животната средина и негово доведување до одржливо ниво.Оваа дефиниција вклучува работни места кои помагаат да се намали потрошувачката на енергија и суровини, ја декарбонизираат економијата, ги заштитуваат и одржуваат екосистемите и биодиверзитетот и го минимизираат производството на отпад и загадување. Генерално, постојат два пристапи за идентификување на зелените работни места. Според пристапот на аутпут, како „зелени“се сметаат работните места кои произведуваат добра или обезбедуваат услуги во корист на животната средина или ги заштитуваат природните ресурси. Од друга страна, пристапот на процес се заснова врз начинот на кој се произведуваат добрата/услугите и ги вклучува работните места каде што работните задачи доминантно се наклонети кон заштита на животната средина или користење помалку природни ресурси.
Во овој контекст, едно од најитните прашања е во колкава мера работната сила е подготвена во однос на идните структурни промени и поседува потребни вештини кои се познати под општиот назив „зелени вештини“. Сѐ до денес, не постои едногласен став за ова прашање бидејќи различни организации и владини агенции формулираат и прифаќаат сопствена дефиниција и пристап. Освен тоа, постојат мал број систематски емпириски истражувања кои би ги насочиле јавните интервенции кон задоволување на побарувачката за вештини кои се (или ќе бидат) потребни за работа и развој на зелена технологија. Според дефиницијата на Организацијата на Обединетите нации, зелените вештини се состојат од знаење, способности, вредности и ставови потребни за живеење, развој и поддршка на одржливо и ефикасно општество. Во основа тука влегуваат два типа вештини. Прво, тоа се техничките знаења и вештини кои овозможуваат ефикасно користење на зелените технологии и процеси, т.е. ефикасни технологии и процеси во однос на ресурсите кои го намалуваат отпадот и го минимизираат човечкото влијание врз животната средина. Втората група ги опфаќа т.н. трансверзални вештини, знаење, вредности и ставови кои им помагаат за преземање одлуки насочени кон животната средина во работата и животот. Несомнено, преминот кон зелена економија неизбежно ќе ја промени структурата на бараните вештини и задачи во голем број од постојните занимања.
Во контекст на зелената транзиција и свесноста дека нашата иднина зависи од здравјето на планетата Земја, Европската Унија во декември 2019 година го донесе Европскиот зелен договор (European Green Deal). Овој договор се состои од пакет политики кои имаат цел да ја водат Унијата по патот на зелената транзиција сѐ до конечното постигнување климатска неутралност во 2050 година. Истовремено, Европскиот зелен договор ја поддржува трансформацијата на Европската Унија во правично и просперитетно општество со модерна и конкурентна економија. Тоа ја потенцира потребата од сеопфатен мултисекторски пристап во кој сите релевантни чинители на политиките придонесуваат кон крајната климатска цел. Пакетот вклучува повеќе меѓусебно поврзани иницијативи кои се однесуваат на клима, животна средина, енергија, транспорт, индустрија, земјоделство и одржливи финансии. Се очекува транзицијата кон климатска неутралност да отвори значајни можности како потенцијал за економски раст, нови бизнис-модели и пазари, како и нови работни места и технолошки развој.
На ова место се поставува прашањето за подготвеноста на Македонија во справувањето со предизвиците на новата зелена парадигма на економскиот развој. Во овој контекст, земјите од Западен Балкан во ноември 2020 година потпишаа Декларација насловена „Зелена агенда за Западен Балкан“, со што се признава Европскиот зелен договор и неговите цели за неутрална и конкурентна економија која ефикасно ќе ги користи ресурсите. Еден од значајните елементи на оваа Декларација се однесува на Економскиот и инвестициски план што е дизајниран за долгорочна поддршка кон зелена и одржлива економија, со што регионот би се доближил до европскиот пазар. Планот за имплементација се фокусира на следниве пет столба: (i) Декарбонизација: клима, енергија и мобилност, (ii) Циркуларна економија, (iii) Намалување на загадувањето на воздухот, водата и почвата, (iv) Одржливо производство на храна и фармерство, и (v) Биодиверзитет.
Националната развојна стратегија на Македонија (НРС) 2023-2043, меѓу другите стратешки области, го покрива подрачјето на зелена и дигитална трансформација. Мисијата на оваа стратешка област е да се изгради зелена, дигитална, одржлива и отпорна економија, која има стабилна, сигурна и ефикасна енергетска и дигитална инфраструктура. Истовремено, таа обезбедува инклузивен економски развој и заштита на животната средина, осигурувајќи дека различните потреби, перспективи и придонеси на граѓаните се препознаени и вградени и успешно се справува со предизвиците на климатските промени, исцрпувањето на природните ресурси и деградацијата на животната средина. Главни приоритети во сферата на енергетската сигурност и одржлив енергетски развој се: Високо учество и диврзификација на обновливите извори на енергија, енергетски ефикасна економија, стабилна енергетска инфраструктура, правична енергетска транзиција и одржлива мобилност и транспорт. Отпорноста и адаптабилноста кон климатските промени ги поставува следниве приоритети: унапредување на постојната и изградба на нова инфраструктура за рационално користење на ресурсите, изградба на инфраструктура за справување со штетите од климатските промени и одржливо просторно планирање. Подрачјето на циркуларна економија ги предвидува приоритетите за нула отпад и користење секундарните суровини пред природните ресурси. Приоритети во сферата на зачувани екосистеми и здрава животна средина се: зголемување на територијата на заштитени подрачја, нула процент од населението изложено на аерозагадување, нула процент на испуштање непрочистени води и зголемена свест за заштита на животната средина.
Имајќи ги предвид глобалните тенденции во животната средина, како и националните стратегиски насоки, македонската работна сила има потреба од нови вештини кои се компатибилни со идните технолошки промени. Сепак, од повеќе аспекти, постојната професионална структура и ниво на вештини за развој на економијата во склад со животната средина не соодветствува со проектираните развојни цели. Многубројни анализи укажуваат на тоа дека ниското ниво на вештини на македонската работна сила, вклучително и зелените вештини, е главна причина за скромните перформанси и релативно ниската продуктивност на трудот. Освен тоа, постојат и многубројни административни проблеми со чие надминување треба да се антиципираат промените на зелената транзиција. На пример, зелените работни места не се во списокот на Националната класификација на занимања од 2015 година, но создавањето вакви работни места е предвидено во националните стратегии и акциски планови, вклучувајќи ја Националната стратегија за вработување.
Од голема важност е вклучувањето на содржини за одржлив развој и заштита на животната средина во постојните стручни образовни квалификации како резултат на растечките потреби за стекнување компетенции кои се однесуваат на „зазеленување“ на економијата. Имено, утврдено е дека само мал број струки во рамките на средното стручно образование обезбедуваат знаења и вештини за заштита и одржливост на животната средина, што ја наметнува потребата од темелни реформи со цел вклучување на ваквите содржини во наставните програми, како и создавање нови профили кои ќе одговорат на идните потреби. Притоа, планирањето на образовните профили и квалификации како и соодветните вештини кои би се побарувале во иднина треба да започне од локалните потреби и развојни планови. Освен тоа, во процесот на планирање неопходно е вклучување на голем број релевантни чинители кои често пати, заради слабиот институционален капацитет или недостаток на координација можат да ја забават или целосно оневозможат имплементацијата на стратегиските активности. Одредени позитивни искуства во соработката меѓу бизнисите и образовниот систем, како што е дуалното образование, треба да се користат и во случајот со обезбедување на потребните зелени вештини.
На страната на побарувачката за зелени вештини во Македонија, исто така, постојат одредени ограничувачки фактори. Имено, работодавците често пати ги немаат потребните информации и знаења за тековните глобални трендови во поглед на перспективните зелени технологии. Соочени со неизвесност и ризици, компаниите имаат кусоглед пристап и настојуваат да носат едноставни одлуки со цел да ги задоволат моменталните потреби. Во услови на економски кризи и рецесии, компаниите ги менуваат своите приоритети и често пати се принудени да ги рационализираат своите трошоци. Тоа, од своја страна, влијае врз намалување на инвестициите во професионален развој на вработените и стекнување дополнителни зелени вештини. Кон ова треба да се додаде и големиот неформален сектор во Македонија чија работна сила нема пристап до формални обуки кои се организирани од страна на релевантни институции.