Голем дел од професорите сметаат дека системот на делење плати на универзитетските професори мора да се промени, да се зголеми основицата, да се земе предвид бројот на вработени и на студенти, а со тоа да се подигне квалитетот на наставата
Голема е разликата во платите на професорите во Македонија меѓу самите факултети, но и меѓу универзитетите. Едни професори стигнуваат до околу 500 евра плата, а некои земаат и над 2.000. Нееднаквоста на платите меѓу универзитетите и факултетите се должи на тоа кој успеал да обезбеди дополнителни средства, кои најмногу зависат од бројот на студенти. Повеќе студенти значи повеќе пари. Но, некои факултети имаат големи трошоци за наставата, па парите одат таму, без оглед колку студенти се запишале.
Голем дел од професорите сметаат дека системот на делење плати на универзитетските професори мора да се промени, да се зголеми основицата, да се земе предвид бројот на вработени и на студенти, да се подигне квалитетот на настава, но и точно да се дефинираат трошоците на факултетите според дејноста, бидејќи не сите трошоци за еден студент се исти.
Поголема е платата на факултетите каде што нема теренски истражувања
Професорот Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет од Скопје вели дека платите на факултетот каде што предава се на долна граница. Додава дека тука некаде се и платите на Земјоделски и на Шумарски факултет.
- Асистентска плата е 26.000 денари, доцентска околу 33.000 денари, вонреден професор зема 36.000 илјади. Редовен професор има околу 39.000 денари. Колку што ми е познато, на дел од факултетите на УКИМ се стигнува до 10-20 проценти плус од овој износ. Но, има три-четири факултети што имаат многу повеќе приходи и повисоки плати. Тоа е така бидејќи има голем број студенти, потребата од купување различен тип опрема или материјали за работа е релативно мала. Немаат дополнителни трошоци во вид на теренски истражувања, лабораториска опрема или неопходни работи како што му требаат, на пример, на ПМФ. За разлика од УКИМ, на другите државни универзитети платите се далеку повисоки и повоедначени на факултетите. Така, на пример, на Тетовскиот универзитет редовен професор има плата околу 70.000 денари, а на УГД околу 60.000 денари. Тоа е така бидејќи на основната плата се додаваат приходите добиени по разни основи (од студенти, проекти, разни други извори) - вели Милевски.
Според него, дополнителен проблем е и тоа што македонските научници и професори сѐ помалку ги има на позначајните конференции.
- Учество на една конференција е од 500 до 1.000 евра, а тоа треба да се покрие од сопствен џеб. МОН доколку евентуално ги покрие трошоците, тоа обично се случува по година-две. Слично е и со објавување труд во подобро (реномирано) списание, што вообичаено чини 1.000-2.500 евра. Најчесто сме принудени да бараме попусти (со изговор дека сме сиромашна држава) или да додаваме повеќе автори за да се подели трошокот, или да бараме од странските колеги преку нивните проекти да помогнат во објавувањето на трудот. МОН има годишен конкурс за финансирање на (еден) труд, но честопати повторно се чека година и повеќе за поврат на средствата. На Косово, на пример, парите воопшто не се проблем, професорите само треба да искажат желба да одат некаде на конференција или да објават научен труд. Всушност, во последно време сѐ почесто добивам прашања од странските колеги зошто нема учесници од Македонија на разни научни настани, па и самиот не знам како да им објаснам - додава тој.
Факултетите што немаат сопствени средства остануваат на платите од буџетот
Проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, вели дека нето-платите што државата ги одвојува за сите универзитети се: за асистент 26.000, доцент 33.615, вонреден професор 36.156, редовен професор 39.684 денари.
- На ова се додава минатиот труд, а факултетот учествува со 20 проценти плус од сопствени средства. Некои единици што немаат сопствени средства остануваат само на платите одредени од буџетот - објаснува Дуев.
Вели дека платите на кадарот вработен на факултетите не се фиксни и зависат од стажот, приходите и моменталниот број на вработени на факултетот.
- Филозофскиот факултет е меѓу најголемите во нашата држава, покрива многу научни области и студиски програми. Поради приходите и реализацијата на сите предвидени наставни, научни и меѓународни активности, не сме во можност да плаќаме демонстратори - додава тој.
Застарен начин на финансирање на високото образование
На прашањето на што се должи разликата во платите на кадарот на различни факултети, проф. Дуев одговара дека проблемот е во застарениот начин на финансирање на високото образование.
- Буџетските средства за плати се одделна сметка, приходите и учеството во платите од сопствените средства се друга сметка, а сето влегува во вкупна маса која е ограничена од три министерства. УКИМ е полуинтегриран универзитет за разлика од другите, кои се интегрирани. Разликата се должи на бројот на студентите и бројот на вработени на една единица и одобрената маса од Министерството за образование и Министерството за финансии. На пример, Филозофскиот факултет остварува приходи по разни основи, можеби повеќе и од некои единици што имаат моментално повисоки плати од нас, но факултетот има 150 вработени, а тие двојно помалку. Не е исто дали сумата се дели на 150 или на 50 вработени. Друг проблем е што и да сакаат некои факултети да ја зголемат платата од сопствените средства, спречени се поради определената вкупна маса за плати од државата - објаснува Дуев.
Тој посочува дека во системот на вкупна маса платата зависи и од соодносот меѓу наставен и ненаставен кадар, бидејќи секој вработен се третира еднакво како столб со ограничен износ на бруто-плата.
- Редовен професор го надминува тој столб, но техничкиот персонал е далеку под просекот за еден вработен. Така, доколку не добиете согласност за вработување ненаставен кадар (секое изгубено место веднаш се одзема од вкупната маса за плати), автоматски се намалува и платата на професорите, а обратно, со секое ново вработување се зголемува - посочува тој.
Според него, најголем проблем е што во последните 15 години зголемувањето на платите во другите степени на образование е 60 проценти, а во високото образование е само 20 проценти.