X
 24.09.2023 Наука

НАСА бара волонтери што ќе го фотографираат целосното затемнување на Сонцето во април 2024 година

Набљудувачите што планираат да го гледаат целосното затемнување на Сонцето во април следната година можат да користат нова апликација финансирана од НАСА за да снимаат вредни податоци за Сонцето, објави вселенската агенција.

Користејќи ја бесплатната апликација „Санскечер 2024“, волонтерите можат да помогнат во унапредувањето на хелиофизичкото истражување правејќи што е можно повеќе фотографии од Сонцето непосредно пред и по затемнувањето.

- Постојат толку многу начини да се учествува во науката на НАСА, особено кога влегуваме во големата година на хелиофизиката - вели вселенскиот физичар Елизабет Мекдоналд.

„Санскечер 2024“ е развиена од тим од студенти и професори на Универзитетот Западен Кентаки и е најновиот од петте проекти што добија средства од НАСА оваа година за собирање научни податоци од следното целосно затемнување на Сонцето.

- Нашата цел е да наведеме еден куп луѓе - милиони луѓе да ја користат нашата апликација и да направат неколку слики од Сонцето додека се случува затемнувањето - вели Стар Меј, дипломиран компјутерски научник од Универзитетот во Кентаки.

Сликите од сите набљудувања на крајот ќе се комбинираат во едночасовен мегафилм за подобро да се разбере обликот на Сонцето со користење на Месечината како референција.

- Оваа информација ќе доведе до подобро разбирање на тековите во Сончевата внатрешност, а исто така е клучна за тестирање на гравитационите теории - напишаа претставниците на НАСА во минатонеделното соопштение.

Сонцето е поактивно бидејќи се приближува до својот предвиден врв на активност во 2025 година, така што затемнувањето во април следната година најверојатно ќе долови повеќе активност на Сонцето во споредба со целосното затемнување на Сонцето во 2017 година.

Извор: Space.com
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука