Од 1970 до 2014 година човекот „збришал“ 60 отсто од цицачите, птиците, рибите и влечугите. Новата процена за масакрот на дивиот свет е наведена во голем извештај на Светскиот фонд за природа (ВВФ).
Во извештајот се наведува дека големата и растечка консумација на храна и ресурси од страна на глобалното население го уништува синџирот на исхрана.
- Месечариме кон работ на карпата. Кога би имало 60-отстотно намалување на човечкото население, тоа би било еднакво на празнење на Северна Америка, Јужна Америка, Африка, Европа, Кина и Океанија. Тоа е степенот на она што сме го направиле - вели Мајк Барет, извршен директор за наука и конзервација во ВВФ.
Многу научници веруваат дека е започнато шестото масовно исчезнување - прво кое е предизвикано од некој вид, а тој вид е хомо сапиенс.
Неодамнешните анализи покажаа дека човекот уништил 83 отсто од сите цицачи и половина од растенијата од почетокот на цивилизацијата и дури и ако уништувањето заврши сега, би биле потребни
пет до седум милиони години за природата да закрепне.
Најголемата причина за загуба на дивината е уништувањето на природните живеалишта, претежно за да се создадат обработливи земјишта. Три четвртини од сета површина на Земјата сега се значително погодени од човековите активности. Следната голема причина е убивањето за храна, а значителен удел има и хемиското загадување.
Најпогоден е регионот на Јужна и Централна Америка, каде што има 89-отстотно намалување на популацијата на 'рбетниците.
Живеалиштата што ја претрпуваат најголемата штета се реките и езерата, каде што дивиот свет е намален за 83 отсто поради огромната жед на земјоделството и големиот број брани.