X
 05.08.2021 Наука

Паметната технологија не нѐ прави поглупави, покажува ново истражување

Постојат многу негативни работи поврзани со паметната технологија - испраќање пораки додека возите автомобили или сина светлина што го инхибира спиењето. Но, сега можеме да се увериме дека дигиталното време не нè прави поглупави, покажува едно ново истражување.

Иако некои луѓе имаат тешкотии да најдат одредени места без „Гугл мапс“, истражувачите откриле дека дигиталното време не ја намалува силата на мозокот.

- И покрај насловите, нема научни докази што покажуваат дека паметните телефони и дигиталната технологија им штетат на нашите биолошки когнитивни способности - вели професорот Ентони Чемеро од Универзитетот во Синсинати, кој е коавтор на нов труд во „Нејчр хјуман бихејвиор“.

Во трудот, д-р Чемеро и колегите од Школата за менаџмент на Универзитетот во Торонто, Ротман, зборуваат за еволуцијата на дигиталната ера објаснувајќи како паметната технологија го надополнува нашето мислење и размислување, со што ни помага да се истакнеме.

- Паметните телефони и дигиталната технологија ги менуваат начините на кои ги вклучуваме нашите биолошки когнитивни способности - вели Чемеро, додавајќи дека овие промени се когнитивно корисни.

Компјутерите, таблетите и паметните телефони помагаат во меморирање, пресметување и складирање информации и нивно презентирање кога ни се потребни. Бидејќи нашите телефони можат да нè насочат кон местото каде што сакаме да одиме, можат лесно да ги решат математичките проблеми и да ги запаметат телефонските броеви, нашиот мозок може да ја користи таа енергија за други намени.

telefon
Фото: Freepik

Дополнително, паметната технологија ни овозможува да носиме одлуки кои тешко ќе ги донесеме сами. На пример, со користење на ГПС-технологијата можеме да избереме сообраќајна патека или да одиме по живописна маршрута.

На пример, вашиот паметен телефон го знае патот до стадионот за да не мора да отворате мапа и да барате насоки, па така вашата мозочна енергија ќе ја насочите на нешто друго. Истото важи и со професионалната средина.

- Не решаваме сложени математички задачи со пенкало и хартија и не ги запомнуваме телефонските броеви во 2021 година - вели Чемеро.

Алберт Ајнштајн еднаш рекол дека не запомнува ништо, па затоа можел да ја користи својата мозочна моќ за формирање идеи.

- Ја ставате целата оваа технологија заедно со „гол“ човечки мозок и добивате нешто што е попаметно. Надополнети со нашата технологија сме способни да оствариме многу покомплексни задачи отколку што можевме со нашите недополнети биолошки способности - вели Чемеро.

- Иако постојат други последици што ги предизвикува паметната технологија, таа сигурно не нè прави поглупави - додава тој.

Извор: Good News Network
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука