Словенечкиот сурфер Горан Јабланов, по кого се трагаше од понеделникот откако исчезна во Јадранското Море кај Умаг, е пронајден во Италија. Во текот на ноќта и денот тој минал околу 40 километри во море.
Италијанските медиуми јавија дека сурферот, откако 26 часа минал во студената морска вода, на брегот излегол сам, околу 18 часот. Откако испливал на плажата Коста деи Барбари, кај местото Систина на 19 километри од Трст, влегол во блиското кафуле од каде што била повикана итна помош. Потоа бил превезен во болница, каде што му е дадена лекарска помош поради хипотермија.
-Во кафулето видов маж, на возраст од околу 40 години, во облека за сурфање со збунет израз на лицето. Тој кажа дека од Умаг допливал дотука. Не знам како успеал да се избори со силниот ветар и големите бранови. Повикавме брза помош, и тогаш дознав дека човекот го бараат од понеделникот. Тој успеа да ни го каже името и телефонскиот број за да ѝ се јавиме на неговата сопруга. Јас останав без зборови поради огромната сила на тој човек - изјави една жена, која била меѓу првите што му помогнале на Словенецот.
За потсетување, 47-годишниот професор по физичко воспитување Горан Јабланов од Љубљана во понеделникот исчезна во текот на попладневните часови со пријател од Хрватска. Набрзо откако почнале да сурфаат, поради силниот ветер, обајцата исчезнале во морето. Силниот ветар им ги искинал едрата, а температурата на морето била 17 степени. Хрватот е пронајден во понеделникот навечер, а потрагата по Словенецот продолжи сè додека дозволуваа временските услови. Во потрагата по него учествуваа спасувачки тимови од Хрватска, Словенија и од Италија, а беа вклучени и хеликоптери и авиони.
- Според нашите параметри, преживувањето во тие услови и на таа морска температура е можно најмногу 12 часа - изјави Златко Царевиќ од хрватскиот Национален центар за трагање и спасување на море.
Извор: МИА