Низ Кина постојат различни кафулиња за животни - места каде што можете да се напиете чај и да се дружите со мачки, бувови или ракуни. Но, постои само едно кафуле каде што можете да се дружите со „панди“.
Сопственикот на едно кафуле во Ченгду ги обоил своите шест кучиња од расата чау-чау во карактеристичната црно-бела боја што ја имаат џиновските панди.
Кафулето „Кјут пет гејмс“ се наоѓа во Ченгду, град што е дом на неколку центри за одгледување панди, поради што сопственикот одлучил да заработи на најголемата туристичка атракција во регионот, нудејќи дури и услуги како обојување кучиња.
- Едно обојување на домашно милениче чини 1.500 јуани (околу 212 долари) - вели сопственикот и објаснува дека кафулето има посветен тим на експерти, како и дека бојата е квалитетна и не е штетна за кожата, ни за влакната на животните.
Но, неколку групи за заштита на животните протестирале поради ова со тврдење дека обојувањето на крзното на животните не е етичко и дека и покрај тврдењата на сопственикот, може да ги оштети крзното и кожата.
По онлајн-побуната на корисниците,
сопственикот на кафулето објавил дека повеќе нема да ја нуди услугата за обојување на кучиња. Но, што се однесува до неговите панда-кучиња, вели дека нивните животи се многу подобри од нашите, и дека кучињата се здрави.