X
 06.09.2021 Наша тема

Андреј, момче со парализа, сонуваше да биде доктор, а не можеше да се школува

Борејќи се за животот, наоѓа и свои поддржувачи, поединци кои му помагаат барем за кратко да ги оствари своите соништа. Токму таков е последниот случај кога му се исполни желбата да присуствува на операција на неговото куче


Животната приказна на Андреј Стојанов од Кочани, кој има церебрална парализа и 27 години се соочува со предрасудите на ова општество, е само доказ дека некои работи во државата не се менуваат со генерации, иако постојано се декларираат заложби за еднакво општество за сите.
Андреј имал повреда при раѓање. Нарушени му се моторичките способности и 27 години е врзан за количка, која ќе му го промени животот, како и на неговата самохрана мајка Наташа.

Оставен сам на себе, се бори со предрасудите и стереотипите на општеството за да докаже дека иако со физички хендикеп, еднаков е со сите други луѓе во државата, но не секогаш во таа битка може да се успее, особено ако живеете во мала средина како што е Кочани.
Борејќи се за животот, наоѓа и свои поддржувачи, поединци кои му помагаат барем за кратко да ги оствари своите соништа.
Токму таков е последниот случај кога му се исполни неговата желба да присуствува на операцијата на неговото куче.
Неможноста да се образова го спречила да ја изучува медицината, но неговите пријатели ветеринари му овозможиле барем накратко да ја почувствува сериозноста на оваа професија.



Описменет во домашни услови

Битката на Андреј и на неговата мајка почнува уште кога бил мал. Училиште никогаш не посетувал од едноставна причина што наместо да го интегрира, системот го отфрла на маргините.
Но, негова голема желба да биде доктор и да си помогне себеси, а исто така и на другите, е поголема од сите општествени процеси во кои за него нема место. Успева сам да се образова во домашни услови и да ѝ се посвети на медицинската литература, што сепак на крајот нема да биде доволно за да ја исполни својата желба да стане доктор.

Желбата за успех никој не може да му ја уништи. Тој сакал да присуствува на една операција и тоа му се оствари - деновиве присуствуваше на операција на куче.

- Требаше да оди на училиште како и сите деца, но не беше примен со образложение дека наставата е кабинетска, а тој е во количка, па нема услови за негово школување. И покрај моето инсистирање да присуствувам на наставата и да го водам каде и да треба, не успеавме во тоа. Според дијагнозата, има проблем само со моториката, а не и со психата. Образован и описменет е во домашни услови. Желбата да чита медицинска литература се јави спонтано, тоа е лично негова иницијатива - вели мајката Наташа.




Желбата исполнета

Таа потенцира дека Андреј другарува со домашните животни. Има куче за кое бескрајно се грижи.
- Кучето е негово, го чуваме дома. Со ветеринарот почнавме и да се дружиме, па Андреј го праша дали ќе може да присуствува на стерилизација. Му беше дозволено, иако такви ситуации вообичаено не се дозволени. Исполнувањето на оваа желба за него значеше цел еден свет - вели мајка му Наташа.
Според неа, благодарение на две прекрасни личности - доктор Далибор и Наде, ветеринар и анестезиолог.

- Тие му го остварија сонот на Андреј, по стерилизација на неговото куче рече: „Пресреќен сум мамо! Ако не успеав да бидат присутен на операција и на спасување на човек, барем присуствував на операцијата на Нора. Не е исто, ама задоволството е големо“ - раскажува неговата мајка.



Лицата со посебни потреби во парадоксална состојба

Таа вели дека парадоксот е што во Македонија нема никаков третман за лицата со посебни потреби, ниту во болниците, ниту во училиштата, ниту никаде.
- Тие деца буквално се отфрлени од општеството. Кога ќе ги видат во количка, прво нешто што ќе помислат е дека не знаат да зборуваат и дека имаат психички проблеми, па затоа не им се обраќаат и никако не ги третираат. А тоа е болно - вели неговата мајка.

Според неа, тоа е многу тежок предизвик во животот и за родителите и за самото дете, и признава дека предизвикот да се чува вакво лице е многу голем, особено што околината не го разбира тоа.

- На еден начин се добива некоја сила, моќ, благодат да чуваш вакво дете. Болно е да гледаш како се мачи, дека не може да ги исполнува своите физиолошки потреби, но голема сатисфакција е да му помогнете. Јас го гледам Андреј како Божја благодат, а не како лице со посебни потреби - вели Наташа.

Состојбата на Андреј сега е многу подобрена, особено по лекувањето со матични клетки. Сега ги чувствува и рацете и нозете и е во многу подобра состојба од претходно.

- Лекови набавувам од Русија, Бугарија и од Грција. Количка добивам еднаш на пет години, електромоторна количка не може да земе затоа што не е ученик, а не е ниту пензионер. Многу сум благодарна што детето е со добар ум, па има разбирање и можам да подработам по четири часа дневно за да имаме за живот и јас и тој - вели неговата мајка.


Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема