X
 31.12.2023 Живот

Поради климатските промени и недостигот на снег, скијачките центри се под егзистенцијална закана

Во скијачките центри Морзине и Лес Гетс на француските Алпи обилните врнежи на дожд значеа одложено отворање на одморалиштата два дена пред Божиќ, оставајќи ги индустријата и милионите туристи да зјапаат кон небото со трошка надеж.

Но, ниедна желба и надеж нема да ја надминат егзистенцијалната закана за скијањето на Алпите, индустрија вредна 30 милијарди долари, што ја обезбедува најпопуларната ски-дестинација во светот.

Науката е јасна и е напишана во внимателно измерените извештаи. Најновата рецензија предупредува дека при 2 Целзиусови степени глобално загревање над прединудстриските нивоа, 53 отсто од испитаните 28 европски одморалишта ќе бидат изложени на висок ризик од скудна количина на снег. Скудната количина на снег е дефинирана како најлоша покриеност забележана во просек на секои пет години помеѓу 1961 и 1990 година.

Ако светот достигне 4 степени загревање, 98 отсто од одморалиштата би биле изложени на висок ризик од скудна снежна покривка.

Друго истражување го откри начинот на кој снежната покривка на Алпите имаше невиден пад во текот на изминатите 600 години, при што времетраењето на снежната покривка сега е пократко за 36 дена. Некои сметаат дека скијањето ќе преживее и може да преживее ако глобалните температури се задржат на границите утврдени со Парискиот договор и ако индустријата се приспособи.

Но, Меѓународната скијачка федерација не е задоволна поради немањето акција за спас на овој спорт. Таа беше во центарот на климатскиот спор во 2019 година, кога Џан Франк Каспер, нејзин тогашен претседател, откри дека не верува во климатските промени, тврдејќи дека повеќе би сакал да се меша со диктатори отколку да си има работа со еколозите. Тогаш тој си замина, а на негово место беше поставен Јохан Елијаш. Но, тоа не ги запре контроверзиите.

Оваа година 500 професионални спортисти за зимски спортови објавија писмо во кое повикуваат на поголема климатска акција од Меѓународната скијачка федерација. Тие го истакнаа распоредот на натпревари што ги принудува скијачите да земаат авионски летови, непотребно создавајќи големи јаглеродни отпечатоци.

Федерацијата соопшти дека како потписник на Рамката на ОН за спорт за климатска акција, посветена е на намалување на емисиите на јаглерод за 50 отсто до 2030 година.

- Го одложивме почетокот на сезоната за една недела и внимателно ќе следиме дали ќе треба да ја започнеме сезоната подоцна - изјавија од Федерацијата.

- Иднината на зимските спортови се потпира на тоа колку ќе ги намалиме емисиите во наредните децении - вели Дом Винтер, кој стои зад петицијата.

Мали количества на вештачки снег ќе помогнат да се одржат некои одморалишта, особено оние на пониска надморска височина. Но, вештачкиот снег никогаш нема да го замени вистинскиот бидејќи е многу скап и троши многу енергија и вода.

Извор: Тhe Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот