X
 01.02.2019 Наука

Ранобудниците се посреќни од „ноќните птици“

Голема геномна анализа откри некои од внатрешните работи на телесниот часовник, фрлајќи нова светлина врз неговата поврзаност со менталното здравје и болестите.

Истражувањето, објавено во „Нејчр комјуникејшнс“, посочува дека генското „програмирање“ за станување рано може да доведе до поголема благосостојба и помал ризик од шизофренија и депресија. Сепак, и покрај многу претходни шпекулации, резултатите не откриваат никакви силни врски со болести како дијабетес и дебелина. Исто така, истражувањето ја истакнува клучната улога на мрежницата во помагањето на телото да стане навреме и го зголемува бројот на области на геномот познат по влијанието врз тоа дали некој е ранобуден.

Мајкл Ведон од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Егзетер, кој го предводел истражувањето, вели дека тоа нагласува голем број гени што можат да се изучуваат подетално за да се утврди како различни луѓе може да имаат различни часовници.

- Големиот број луѓе во нашето истражување значи дека сега имаме најсилни докази дека „ноќните птици“ се изложени на поголем ризик за проблеми со менталното здравје, како што се шизофренија и пониска ментална благосостојба, иако се потребни понатамошни истражувања за целосно да се разбере поврзаноста - вели тој.

Истражувањето било спроведено на 250.000 американски учесници во „23ендми“, компанија што обезбедува приватни анализи на геноми, и 450.000 од Велика Британија. Сите учесници биле прашани дали се „утрински луѓе“ или „ноќни птици“, а нивните геноми биле анализирани за да се види дали нивните гени имаат нешто заедничко што би можело да влијае врз нивните шеми на спиење.

Истражувачите ги потврдиле нивните резултати користејќи информации од уреди за следење активности што ги носеле повеќе од 85.000 луѓе во Велика Британија. Овие информации покажаа дека генските варијации што ги идентификувале истражувачите би можеле да го пренасочат времето на природно будење за 25 минути - менувајќи го времето на будење на некои луѓе од 8 часот на 8:25 часот наутро. Истражувачите откриле дека генските подрачја влијаеле врз времето на спиење, но не и врз квалитетот или времетраењето на спиењето.

- Истражувањето ја истакнува моќта на тимската работа и човечката генетика за откривање нови аспекти на биологијата и здравствените импликации на часовниците на нашето тело. Резултатите ќе им овозможат на истражувачите подлабоко да истражат за тоа како живеењето во конфликт со нашето индивидуално внатрешно време може да доведе до посиромашно здравје и може да укаже на идни индивидуализирани стратегии за интервенција - вели Рича Саксена, коавтор на истражувањето.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука