X
 01.02.2021 Колумни

Колумна: Професори, сослушајте нѐ!

Седиме на предавања кои сумативно траат четири или повеќе часа дневно и предизвикуваат главоболка од интензивно време поминато пред екран. Под површината ние на моменти сме исцрпени, балансирајќи ги академскиот стрес, финансиската несигурност и битките со менталното здравје

Пишува: Стефан Митиќ, студент на Њујоршкиот универзитет во Абу Даби

Приспособувањето на виртуелната училница претходниот семестар беше сложен и предизвикувачки процес и за студентите и за професорите: тестирање на полето за разговор и менување на наставните планови се само неколку од обидите направени да се рекреираат физичките училници. Студенти од најразлични факултети низ светот се соочуваат со истиот процес на приспособување до ден-денес. Сепак, диктирањето на начинот на присуство на студентите преку интернет создава нездраво опкружување кое повлекува со себе анксиозност, наместо да ги поттикнува продуктивните предавања што професорите се обидуваат да ги постигнат.

Диктирањето на однесувањето на студентите на час не е исклучиво неприфатливо само за овој виртуелен семестар - тоа беше неприфатливо и пред пандемијата. Но, диктирањето, без сомнение, стана посериозно во текот на овој веќе втор семестар од далечина, отворајќи простор да започнеме многу потребен разговор за сочувствителната педагогија.

Ние, студентите - особено со оглед на влијанието на пандемијата - не можеме да се преправаме дека сите имаме исти социо-економски или културни средини. Во нормални услови, да се биде на кампус значеше, несовршен, но изедначувачки резултат. Ниту една сума на пари не може да ја замени невидената безбедност и удобност што ја нуди кампусот.

Надвор од нејзиното виртуелно место за студирање, една студентка дели соба со двајца нејзини браќа и сестри. Друг студент работи цело утро затоа што тој и неговото семејство ги изгубија изворите на приход, а студира цела ноќ. А друг, пак, никогаш не зборува на час затоа што неговите родители постојано се расправаат, молејќи се кога тој ќе го вклучи микрофонот, да има момент на тишина во домот.

Фото: Unsplash

Седиме на предавања кои сумативно траат четири или повеќе часа дневно и предизвикуваат главоболка од интензивно време поминато пред екран. Под површината ние на моменти сме исцрпени, балансирајќи ги академскиот стрес, финансиската несигурност и битките со менталното здравје. Па, поразувачки е кога ќе слушнеме дека не можеме да се напиеме вода за време на предавање, дека треба да седиме во осветлена просторија и дека исклучувањето на камерата значи дека не учествуваме во предавањето. Сосема друг момент е ненадејното снемување на интернет или исклучување на струјата, ситуации кои треба толку добро да се објаснат за да не го земат професорите нашето отсуство за зло.

Еден важен аспект што треба да се разгледа е зголемената анксиозност поради користењето на интернет-алатките како Мајкрософт тимс или Зум; видеоповиците бараат поголем фокус бидејќи луѓето се строго свесни дека ги следат кога е вклучена камерата. Понатаму, потешко е дистанцирањето од надворешните стресови поради недостиг на физичка промена во амбиентот.

Диктирањето на однесувањето на студентите на „Мајкрософт тимс“ или „Зум“ остава многу неодговорени прашања. Преоптоварувањето на студентите ќе предизвика лошо влијание, оставајќи ги преморени и истоштени, без желба да придонесат на предавањата и со тоа да ја нарушат способноста да градат односи едни со други. Како ова ќе им помогне на професорите да предаваат? Дефинитивно не им помага на студентите да научат. Порано студентите можеа да се дружат по предавањата и да градат пријателства, а во ова време не можеме заедно да се договориме да учиме за испит, а не пак да испиеме едно кафе.

Надмена е претпоставката дека сите студенти можат да лажат кога велат дека се премногу болни, уморни или вознемирени. Фер е да се претпостави дека мнозинството од студентското тело не би искористило сочувство за лична корист. Но, двојниот стандард е болно присутен: се очекува зрелост од студентите во сите други области од животот, но тие се третираат како неодговорни кога станува збор за присуството во училницата.

Сепак, студентите не им должат на професорите приказна за личен проблем за да заслужат флексибилност или емпатија. Ранливоста не треба да биде предуслов за сочувство во (виртуелната) училница.

Фото: Unsplash

Професори: претпоставувајте добра волја. Студентите доаѓаат за да учат; верувајте дека има причина кога нивните камери се исклучени, кога пропуштаат час или кога не се целосно фокусирани. Предавајте со сочувство. Прашајте ги студентите што им одговара најдобро и внимателно слушајте. Земете го предвид заморот од далечинско учење при распределбата на задачите и не вклучувајте го присилно микрофонот на студентите кога тие очигледно не сакаат да зборуваат.

Негувајќи го овој безбеден простор на час, студентите полека ќе се чувствуваат поудобно, ќе придонесат и ќе постигнат повеќе. Да научиме од грешките во претходниот семестар. И, кога ќе можеме повторно да се собереме во физичка училница, не заборавајте на оваа емпатија, туку оставете ја да стои во првите редови на вашето учење.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни