„Смртта изедначува се, се раѓаме нееднакви, а умираме еднакви. “ – СЕНЕКА
Секогаш сум сакала да ги анализирам овие филозофи, но има едно нешто кое секогаш ме засмева и гласи вака: „ Кога нешто ќе прашаш филозоф и откако ќе ти одговори ќе заборавиш што си го прашал. “ Но, нели секоја филозофија започнува и со едно прашање, па и со еден збор. Најчесто кога зборуваме со луѓе доаѓаме до заклучок дека се плашиме од смртта, а не од животот, но страшно е што дојде време кога се плашиме од животот.
Вчера во мојот град почина бездомник. Долго време не сум се чувствувала толку лошо. Секое лошо што ни се случува во нашето општество започна да ми е толку нормално што на моменти се прашувам дали сум свесна на што станувам имуна, а замислете цело време се борам со тоа зло. Во моментите кога сум се борела против некоја неправда тргнувам од мислата дека е подобро да пробам да променам нешто и да не жалам, отколку никогаш да не пробам и еден ден да се каам зошто не сум пробала. Чувствувам вина што денес во мојот град почина бездомник, чувствувам вина за сите оние за кои родителите немаат доволно финансиски средства за лечење на своите деца. Не можам ни да претпоставам која е болката на тие родители и искрено не сакам да претпоставуваме како се чувствуваат тие луѓе. Чувствувам вина за сите оние болни, гладни, изнемоштени кои суровоста на животот ги донел на работ на егзистенцијата и немаат начин како да се изборат со таа неправда. Тоа се луѓе кои ја потиснале целата гордост, луѓе на кои ова општество му го погазило достоинството и бараат помош од сите нас. Еден ден тоа може да е секој од нас кој сега помага или само ладно ги одбегнува овие проблеми. За мене достоинството е над смртта.
Чувствувам вина за сите оние кои се обесправени без разлика кои се и што се. Нели сите сме луѓе?! Чувствувам вина за распаднатиот образовен систем, за сите оние просветни работници кои душата ја даваат за своите ученици, а се обесправени и не им е признат трудот. Каде и да поминам гледам наведнати глави, сиромаштија и беда. Чувствувам вина за луѓето кои влегуваат во аптека и купуваат по една лента лекови затоа што не можат да си дозволат цело пакување, а тоа го гледам со свои очи, за луѓето кои воопшто не купуваат лекови, а мораат да ги земаат како редовна терапија. Знаете, мислам дури и оние кои имаат за достоен живот не можат да бидат среќни во ова општество.
Бедата и сромаштијата е многу поголема па не потиска сите кои тука живееме. Себичноста, алчноста, неправдата и нееднаквоста пред законот не направи луѓе ако може да речам така, но не направи луѓе кои ќе наштетиме секому само да ја постигнеме нашата цел. Се гадам од сето тоа, мизерно е да гледам нешто такво. Се гадам од помислата дека верувам оти се е засновано на интерес. Да се извлече некоја корист и потоа продолжуваме да наштетиме на некој друг. Ги губиме луѓето кои ни значат и ги пуштаме од нашите животи правејќи се горди и силни, но еден ден ќе се свртиме назад и минатото ќе го гледаме со поинакви очи од тоа што сега гледаме што сме направиле. Не знаеме да кажеме искрено “ те молам“ и “извини“, а кога тоа ќе го направиме вистински не сме сфатени сериозно. Живеам во општество каде луѓе се убиваат, живеат под закани, невини лежат во затвор, новинари се ограничуваат да ја вршат својата работа, мито и корупција на секој чекор, нефункционирање на системот во целост. Нешто е труло и мириса и тоа многу.
Луѓе умираат во болниците, а за тоа никому не му е гајле. Чувствувам вина како граѓанин на оваа земја за распаднатиот здравствен систем. Добро каде е совеста? Остана ли во некој и грам совест и почит кон нешто? Насекаде зло. Знаете ли вие кои сте избрани од народот што значи оние од кои земате плата и државата прибира даноци дека ги оставате да легнат и спијат гладни? Размислувате ли на оние кои ги обесправувате барајќи мито за нешто, им се заканувате се до конечно исполнување на вашата цел? И сево ова се случува проклет четврт век. Гледам луѓе кои се неистомисленици со некого и се радуваат на туѓата несреќа. Не се почитува винстинска уметност и култура. Се почитуваат само луѓето кои се “ истомисленици“, притоа негледајќи дали тие луѓе со нивните лични интереси и цели наштетуваат на поголема група на луѓе. Работници умираат на работно место, работат во услови во кои можеби само робовите некогаш работеле и за тоа никој нема никаква одговорност. Доколку некој живее достоен живот онака како што наликува гледаме само да наштетиме, навредиме и повредиме и да се чувствува непријатно.
Тоа се луѓе кои работеле и ете по некоја игра на судбината успеале во ова труло општество. Но, ние секогаш знаеме да зборуваме против искреноста, чесноста, добрината и не ги цениме вистинските вредности, додека оние кои со наши пари не ни обезбедиле нормален живот сеуште ги величаме. Никој не се погрижил таквите работи да ги смени. Јас лично ги почитувам луѓето кои постојано се борат во ова општество. Затоа што има луѓе кои само седат од страна и чекаат да се случи нешто лошо па да речат не можеме да смениме ништо. Можеме!!! И тоа многу можеме да смениме. Четврт век се бориме со луѓе кои се опортунисти и ги планираат нашите животи, а доколку го кренеме нашиот глас тогаш сме заплашувани и прогласувани за непријатели на соптвената земја. Не треба да живееме во минатото, едноставно треба да градиме иднина со секој нов ден. Не сакам да зборувам за Светот, како е таму. Надвор од нашите граници може да се види и голема сиромаштија, но и достоен живот. Но, како да можеме да се споредуваме само со лошото од тој Свет и никако да донесеме нешто добро, тука и за нас. Тие опортунисти кои толку години не држат како заложници зарем никој од нив не поминал низ тежок пат додека да дојди до одредена позиција? Или пак лесно заборавиле на тие лоши денови? Или пак сметаат ако тие така живееле дека и другите треба тоа да го чувствуаат на своја кожа? Вие сте таму тоа да го искоренувате, тоа што било лошо да не биде во животите на идните генерации. Да нема страдање и гнев меѓу луѓето. Луѓето се откажуваат од своите желби и некаква цел во животот затоа што се приморани да преживуваат, а не да живеат. Со откажувањето од некоја голема желба ти се руши целата слика за некој добар живот и само прдолжуваш механички да се бориш без да живееш.
Со гнев, лутина, омраза и бес. Сите сме луѓе, имаме некакви чувства сме добивале и сме губеле, впрочем таков е животот. Не сакам да чувствувам лутина, бес, гнев, но во вакви моменти ги чувствувам. Ги чувствувам секој ден дека се ce поголеми и поголеми и дека сакам да се справам со нешто кое одредена група на луѓе се обидуваат да сменат. Сите вие кои седите и само набљудувате и не превземате ништо дволично е еден ден да речите дека сте почувствувале неправда и да кажите како не функционираме. Најлесно е да се бара правда кога е почувствувана на своја кожа. Големината на човекот ја гледам во барањето правда кога е почувствувана од некој друг, ја гледаме таа обесправеност и се бориме да смениме нешто како нас да ни се случило. Не бидете себични, давајте и помагајте. Сите сме одговорни во какво општество ќе живееме. Треба да чувствуваме одгворност за тоа што ни се случува, да бидеме разумни и самокритични. Треба да се чувствуваме виновни за се што ни се случува. Го сакам мојот град, ни самата не знам колку посебно тоа го сфаќам кога гледам со што се сме опкружени. Ја сакам и својата земја и би завршила со познатата „ Јас бескрајно ја сакам својата земја и го задржувам правото бескрајно да ја критикувам. “ – Џејмс БОЛДВИН.
ДО ПОБЕДА !!!
Пишува: Ивана Атанасовска
Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.