X
 02.12.2020 Колумни

Колумна: Животната средина пред удобноста и пред профитот

Ако секој поединечно има приоритет да реши да ја заштити животната средина, создава можност за жртвување на материјалистичкиот начин на живот, што ќе создаде општествен притисок врз деловните компании и корпорациите што, пак, ќе ги натера да ги вметнат овие вредности во нивните модели. Доколку поединците активно изберат да бидат еколошки свесни и да ги поттикнат основните неопходни промени, тие ќе создадат подобри политики и ќе влијаат владите да направат структурни промени. На крајот од денот, колку индивидуите се грижат за околината, толку и таа благодарно ќе „врати“.

Пишува: Стефан Митиќ, студент на Њујоршкиот универзитет во Абу Даби

Неодамнешен разговор со еден пријател околу климатската криза доведе до дискусија за проблемот со преминот од печатење материјали до нивно дигитално користење во време на пандемија, што навистина ме натера да размислувам, во најмала рака. Додека јас ја искажав мојата поддршка за иницијативата, тој ми даде песимистички поглед и го кажа следново: „Дали вреди да се премине од хартија на екран? Бидејќи ова воопшто нема да го реши проблемот.“ Во право беше. Ученици, студенти, вработени лица кои печатат неколку страници помалку нема да ги поправат климатските промени. Поголемите индустрии и нафтените корпорации се тие што се одговорни за ситуацијава, па вината треба да се бара кај нив.

Овој разговор е еден од оние многу случаи кога луѓето го изразуваат својот скептицизам кон индивидуалната одговорност за околината, отфрлајќи ја целосно. И овие тврдења се, всушност, добро поткрепени со извештаи кои покажуваат дека само 100 големи компании во светот се одговорни за 71 % од глобалните емисии на штетни гасови од 1988 година досега, со што се зајакнува аргументот за бескорисноста на индивидуалните активности. Сепак, поединечните напори за поголема одржливост сѐ уште се исклучително важни - не толку за нивното опипливо влијание врз животната средина колку за ефектот на бранување што ќе го создадат со тоа што иницираат навика на одржливо живеење.

Со оглед на глобалниот пораст на температурите и нивото на морето, намалувањето на ледените плочи и глацијалните повлекувања, денес со сигурност знаеме дека климатските промени постојат. Во 2018 година, меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени објави дека за да се одржи глобалниот пораст на температурата на прагот од 1,5 Целзиусов степен во овој век, емисиите на гасови ќе треба да се намалат за 45 проценти до 2030 година. Мнозинство научни организации низ светот ја поддржуваат идејата дека ваквите трендови на климатско затоплување во голема мера се кулминација на човековите активности - затоа само нашата подготвеност и напор можат да ја спасат животната средина. Сепак, се чини дека не правиме доволно за да се справиме со оваа моментална криза, или подобро кажано, големите нафтени индустрии и владите низ светот не го прават тоа што треба да го прават. Но, пред да го бараме виновникот за неуспехот во борбата против климатските промени во овие поголеми субјекти, да се погледнеме себеси.

За нас, како индивидуи, ниту состојбата на заборавеност ниту неможноста да се преземат постапки не се пречка да се пренасочиме кон одржливоста. Проблемот е што, речиси секогаш, постои неподготвеност да се стори тој прв чекор, што главно произлегува од фактот дека живеењето на поодржлив начин повлекува правење помалку удобни одлуки. Удобноста лежи во користење пластика за еднократна употреба наместо шише или кутија што може да се користи повеќекратно, или возење со такси наместо со автобус. Напротив, изборот да јадеме помалку месо, да бидеме минималисти или да избегнуваме брза мода значи компромис за тој привилегиран начин на живот. Со тоа што стануваме свесни за околината, треба активно да се обидуваме да направиме промена и поодржливо да живееме, што речиси секогаш води кон непозната непријатност. И, главно, оваа непријатност што доаѓа со еколошка одговорност нѐ тера да се оддалечуваме од неа - дури и кога целосно ќе сфатиме дека веќе не можеме да си дозволиме да одбираме погодност наместо практичност. Ваквата индивидуална неподготвеност да се направат дури и минимално незгодни одлуки е одраз на поголемиот проблем: нашата колективна неподготвеност да ѝ се даде приоритет на околината пред што било друго. Ако ние како индивидуи одбиеме да жртвуваме одредени удобности со цел да ги измениме нашите животни стилови за да станеме поодржливи, сигурно не можеме да очекуваме институционални и структурни промени од владите и индустриите. Ако помеѓу удобност и планета ја избереме удобноста - и тие ќе го сторат истото.

Фото: Pixabay

Токму затоа индивидуалните одлуки се важни. Дури и ако поединечните активности што водат кон одржливост не можат да направат основни промени во животната средина, или самостојно да ја спасат планетата, тие ги одредуваат општествените приоритети кои можат да создадат аргумент погоден за влијание врз реформите во институциите и владите. Ако секој поединечно има приоритет да реши да ја заштити животната средина, создава можност за жртвување на материјалистичкиот начин на живот, што ќе создаде општествен притисок врз деловните компании и корпорациите што, пак, ќе ги натера да ги вметнат овие вредности во нивните модели. Доколку поединците активно изберат да бидат еколошки свесни и да ги поттикнат основните неопходни промени, тие ќе создадат подобри политики и ќе влијаат владите да направат структурни промени. На крајот од денот, колку индивидуите се грижат за околината, толку и таа благодарно ќе „врати“.

Промената на однесувањето бара напор и подготвеност за компромис. Ваквите колективни одлуки да се направат овие промени во животниот стил ги прават луѓето свесни за итноста на ова прашање. Нашите одлуки испраќаат порака за нашата свесност за животната средина не само до другите лица кои можат да се однесуваат на сличен начин, туку и до поголемите корпорации кои всушност можат да ги направат потребните промени. На владите им испраќаат порака за јавна поддршка при носењето политики во борбата против климатските промени. Иако индивидуалните активности најверојатно нема самостојно да ги поправат климатските промени, тие можат да придонесат за прифаќање на нивното постоење.

Колку и да звучи наивно и клише, треба да се започне од некаде. Индивидуите се тие што можат да поттикнат колективно дејствување. И крајно време е поединците да бидат пример и да преземат вистински иницијативи за борба против климатските промени. Крајно време е да ја направиме околината приоритет пред удобноста и пред профитот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни