Возраста на заболените се движи од 0 до 101 година, во просек – 44,8 години. Во болниците моментално се хоспитализирани 671 лице, што е за 22 проценти повеќе во споредба со претходна недела, од кои 390 се на кислородна, а има и 66.947 асимптоматски случаи, се вели во најновиот извештај на ИЈЗ
Бројот на тестирања за присуство на коронавирусот последната недела од јануари е намален за 2 процента во споредба со претходната недела, но бројот на заболени е зголемен за 2,7 процента, покажа последниот извештај на Институтот за јавно здравје.
- Од 38.518 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање, регистрирани се 11.916 нови позитивни случаи од 35 града во државата. Процентот на позитивност се движи од 22,5% до 35,8%, просечно 30,3%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, или 50,6%, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 1.420,7 на 100.000 жители - стои во извештајот на ИЈЗ.
Минатата недела беа регистрирани 1.558 реинфекции, а според податоците од ИЈЗ, тоа е идентично со бројот на реинфекции од третата недела од јануари.
- Пријавени се 148 смртни случаи во 26 града во текот на изминатата недела, што е за 38,3% повеќе во споредба со претходната. Најголем дел од нив се од Скопје, 48 лица. Во однос на возраста, најголем број, или 89,2% од починатите спаѓаат во возрасната група над 60 години, а регистрирани се 12 починати лица и кај возрасната група од 50 до 59 години, две лица кај возрасната група од 40 до 49 години и две лица кај возрасната група 20-29 години - стои во неделниот извештај на ИЈЗ.
Според податоците, најмногу заболени лица се регистрирани на возраст над 60 години - 22,1 отсто, а во возрасната група од 30 до 39 години - 22,1 проценти. Најмалку заболени се регистрирани кај возрасната група од нула до 9 години - 2,2 проценти.
- Се забележува намалување на бројот на заболени кај речиси сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 11 проценти кај возрасната група од 10 до 19 години, додека зголемување се забележува кај возрасните групи од 50 до 59 години со 3,3% и над 60 години со зголемување од 25,3% во споредба со претходната недела - соопшти ИЈЗ.
Фото: ИЈЗ
Според новиот алгоритам за оздравување, во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 13.041 лице во хоспитализирани услови или на домашно лекување.
Возраста на заболените се движи од 0 до 101 година, во просек – 44,8 години, а најголем број заболени се на возраст над 60 години – 64.576 (24,0%).
- Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 671 лице, што е за 22 проценти повеќе во споредба со претходна недела, а од нив 390 се на кислородна поддршка, што е за 14,4% повеќе во споредба со претходната недела, и 31 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација, што е за 14,8% повеќе во споредба со претходната недела - соопшти ИЈЗ.
Најчести симптоми кај заболените се температура, кашлица и премаленост. Регистрирани се 66.947 асимптоматски случаи.
- Во однос на коморбидитети, 43.530 лица имаат кардиоваскуларна болест, 14.275 дијабетес, 6.192 се со хронична белодробна болест и 16.225 со други хронични болести. Пријавени се 1.262 случаи кај бремени жени и кај 8.096 здравствени работници. Регистрирани се 8.575 случаи кои патувале во период од две недели пред појавување на симптоми - соопшти ИЈЗ.
Во лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ досега се детектирани 255 пациенти позитивни на омикрон варијантата (B1.1.529). Детектирани се и примероци со делта-сојот.