Се проценува дека просечните температури во Судан до 2060 година ќе се зголемат за најмалку 1,1, а можеби и за 3,1 Целзиусови степени. Климатските промени што ги трпи таа земја уште сега се причина за селење на 600.000 луѓе.
Станува збор за климатски бегалци, израз кој пред само пет години се чинеше егзотичен.
Судан се наоѓа во Сахел, преоден климатски појас меѓу Сахара на север и тропските подрачја на југ, кој порано бил прошаран со подрачја со трева. Многу од тие подрачја денес многу брзо стануваат пустини, пропаѓа и природната разноликост и условите за земјоделство и сточарство. Земјата која во последните децении доволно страдаше поради војните, сега трпи и глад поради климата.
Од ОН проценуваат дека наскоро 1,9 милион луѓе што преживуваат од земјоделство или од сточарство наскоро нема да можат да се занимаваат со тоа. Исто така, се проценува дека вкупно 3,2 милиона луѓе ќе бидат погодени од недостиг на вода.
Судан уште сега е 15. најнесигурна земја на светот според стабилноста на исхраната и во иднина ситуацијата веројатно само ќе се влошува. Со оглед на тоа дека на климатските промени секогаш им се надоврзуваат и опасностите од епидемија, на листата со болести што му се закануваат на Судан во блиска иднина се маларија, колера и жолта треска.
Притоа, Судан не е единствената земја во
Африка на која ѝ се закануваат климатските промени. Тука се и Сенегал, Мали, Нигерија, Чад, Јужен Судан, Етиопија, Кенија, Танзанија, Мозамбик, Боцвана, Зимбабве, Замбија и Ангола.