На 22 км оддалеченост од градот Тетово, во правец кон граничниот премин Јажинце, се наоѓа живописното село Вратница. Селото Вратница територијално се наоѓа во Општина Јагуновце, на само 5 км од граничниот премин Јажинце. Поради близината на граничниот премин, ова село има стратешко значење и претставува место со голема фреквенција на моторни возила. Лоцирано во подножјето на националниот парк Шар Планина, на надморска височина од 670-760 м, селото има одлична географска местоположба. Вратничката природа изобилува со многу лековити билки, печурки, чаеви кои ветерот ги распрашува како мелем. Природата, панорамскиот видик на дел од Полошката Котлина, воздухот, микроклимата и мирот никого нема да остават рамнодушен.
Над самото село погледот допира до еден од најмаркантните планински врвови на оваа планина, врвот Љуботен.
Природните убавини со кои располага селото имаат непроценливо значење. Од височините на Шар Планина течат Ливадичка Река и Љуботенска Река, кои се спојуваат и ја формираат убавата планинска река Раките или Вратничка Река. Вратничка Река поминува покрај селото Вратница и го гради големиот кањон, кој претставува една од многуте природни атракции во селото.
Во поширокиот атар на селото во рамничарскиот дел се наоѓа малку познатото Вратничко Езеро, уште познато и како Голина. Езерото со природата што го опкружува и целиот природен амбиент претставува волшебна убавина за Вратница. Пејзажот е уникатен, особено кога во чистата вода се гледа отсјајот на планинските шарпланински врвови. До езерото води одлична патека која вратничани ја користат за рекреација. При пристигнувањето тука, може навистина убаво да се одморите од секојдневните обврски и да ги наполните батериите за следните предизвици.
Според настанувањето, езерото спаѓа во групата на вештачки езера. Езерото е многу популарно меѓу риболовците и локалното население, кои за време на викендите доаѓаат да се дружат тука и квалитетно да го поминат времето. До езерото се стигнува низ патека обрасната со убави шуми каде што од левата страна пред езерото се наоѓа преубавиот манастир „Св. Константин и Елена“. Околу манастирот има неколку летниковци и тука може да се направи кратка пауза пред да стигнете до езерото. Нема дилема дека ова езеро претставува голем туристички потенцијал за Вратница, во минатото постоела иницијатива и идеи за отворање неколку угостителски објекти околу езерото, но, за жал, таквата идеја сѐ уште не е реализирана, можеби во иднина ќе се оствари планот од страна на жителите на самото село. Езерото се снабдува со вода преку Вратничката Река.
Во долниот дел на селото, во непосредна близина до Вратничкото Езеро, се наоѓа манастирот „Св. Константин и Елена“. Храмот е обновен на стари темели од 12 век. Според пишани податоци, и стариот храм бил изграден на уште постари темели кои потекнуваат од 6 век.
Туристичките вредности во селото се збогатени со неколку угостителско-сместувачки објекти. За туристите што сакаат во пријатна атмосфера со традиционална македонска музика да вкусат стари и локални специјалитети на располагање, стои етнокуќа Чорбаџиски ан.
Во близина на Вратница, во подножјето на Шар Планина, се наоѓа излетничкото место Сенокос. Ако не сакате да риболовите на езерото или да правите скара со вашите пријатели, тогаш излетничкото место Сенокос е пријатно место за рекреација и уживање во уникатни пејзажи. Ова е посетувано место од страна на рекреативци и планинари кои сакаат да уживаат во убавините на ова парче од масивот на Шар Планина. Во месноста Сенокос постои мала локва која населението ја нарекува езерце и постои мала планинарска куќичка. Навистина сликата околу планинарската куќа веднаш до самото езерце е бајковита. Тука може да се направи пауза или да се помине неколку часа каде што во спокојство на недопрената убавина, преубавиот планински воздух и незаменливи пејзажи може да го поминете времето.
Оние што имаат повеќе кондиција може да се упатат до каменестите кукли (кулуарите) над местото Сенокос, каде што во минатото се случила една трагедија. Во август 1944 година американскиот бомбардер Б-24 наречен „наша љубов“ бил тешко оштетен од непријателот и се урнал кај месноста Камче, над селото Вратница, додека се враќал во својата база во Италија од мисијата над Романија. Жителите на Вратница веднаш се упатиле кон урнатиот авион за да им помогнат на повредените и спасиле тројца преживеани од заробеништво од бугарските војници. Останатите шестмина, кои не го преживеале падот од авионот, биле закопани во локалните гробишта кај црквата „Св. Петка“. Посмртните останки од починатите војници биле пренесени во САД по војната.
Нема дилема дека селото Вратница располага со атрактивни рекреативни елементи кои овозможуваат развој на повеќе видови туризам. Со посетата на ова место ќе имате позитивни импресии кои ќе ве привлечат повторно да се навраќате во ова парче убавина лоцирано во нашата убава земја.
Автор на текстот и фотографиите: професор Дарко Оносимоски