X
 01.06.2021 Живот

Ситуации во кои стравот е наш двигател

Стравовите не секогаш бараат психолошки третман бидејќи тие всушност им помагаат на луѓето да останат фокусирани на важните работи во животот.

Одредени стравови можат да ни помогнат да напредуваме во животот.

Стравот помага при слабеењето


Доживувањето мал страв согорува повеќе калории отколку кога не се плашите од ништо. Како што се забрзува пулсот, во нашето тело има проток на адреналин. Нашиот метаболизам се забрзува, па шеќерот и маснотиите се согоруваат.

Истражување спроведено од физиолози од Универзитетот „Вестминстер“ во Лондон покажало дека кога луѓето гледале хорор-филмови, тие согорувале до 113 калории, што е иста количина што би ја потрошиле со половина час пешачење.

Стравот го зајакнува имунолошкиот систем

Во некои истражувања спроведени од Универзитетот во Ковентри, Велика Британија, додека учесниците гледале хорор-филмови, истражувачите им зеле примероци од крв.

Резултатите покажале дека чувството на страв предизвикало активирање на белите крвни клетки, кои помагаат во борбата против болести. Колку повеќе ги имате, толку е посилен вашиот имунолошки систем.

Стравот мотивира и обезбедува сила


Кога се чувствувате исплашени, не се ослободува само адреналин, туку и други хемикалии, како што е серотонин. Серотонинот му помага на мозокот да работи поефикасно и го претвора стравот во потребната енергија.

На пример, ако трчате и одите по истата патека секој ден, брзо ќе се навикнете на тоа, но кога ќе најдете ново место каде што ќе се појави одреден страв, па ќе треба да се фокусирате на она што го правите, вашиот мозок ќе почне да работи побрзо. Нашиот мозок копнее по нови предизвици.

страв
Фото: Freepik

Стравот нè поврзува со други луѓе

Кога чувствувате страв, се ослободува окситоцин, хормон кој ви помага да градите односи со оние околу вас.

Сите имаме инстинкт за опстанок и тоа нè принудува да се обединиме за да ја надминеме опасноста. Совршен пример за тоа е кога луѓето се собираат на каучот додека гледаат хорор-филм.

Стравот ни дава фокус и концентрација

Размислувањето за иднината или нешто непознато може да ве исплаши. Ако сте вознемирени, заедно со адреналинот што го чувствувате, што ве држи под стрес, се ослободува друг хормон познат како норадреналин, кој ви помага да се фокусирате и го намалува чувството на паника. Овозможува појасно размислување под стрес, поради што се користи кај многу антидепресиви.

Стравот ни помага брзо да се извлечеме од неволјите


Кога одиме по слабо осветлена улица ноќе или слушаме чекори зад нас, не поминуваме многу време размислувајќи за нашите идни активности, туку одиме побрзо, обидувајќи се што е можно побрзо да стигнеме до нашата безбедна дестинација.

Стравот го принудува мозокот да реагира веднаш и да го најде оптималното решение наместо да троши време на детална анализа на ситуацијата.

Помага при позитивни промени


Кога одиме на лекар и лекарот ја коментира нашата анализа на крвта и вели дека имаме високо ниво на шеќер и дека имаме ризик од дијабетес, почнуваме да чувствуваме страв.

Тоа е затоа што можеби веќе сме свесни за сериозната штета што може да ја предизвика дијабетесот. Значи, затоа, започнуваме да го следиме советот на лекарот и да ја приспособуваме исхраната за да ја намалиме опасноста, а со тоа и стравот.

Стравот ни помага да ги постигнеме нашите цели

Постои психолошка состојба позната како Кроносов синдром, а тоа е кога луѓето се плашат дека некој ќе ги замени во која било сфера од нивниот живот, без разлика дали е тоа поврзано со работата, врската или семејството.

Психолозите тврдат дека умерените дози на страв можат да ни помогнат да напредуваме во животот, и без таков страв многумина од нас би чувствувале пад во приватниот или професионалниот живот. Кога сме сигурни дека никој нема да нѐ замени, стануваме порелаксирани.

Извор: Bright Side
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот