Долги години македонското образование се обидува да направи и да спроведе некакви реформи со кои ќе се тргне од некој нов почеток, а притоа ќе се запази она што е традиционално во наставата (материјалот што се изучува, наставните средства, континуиран напредок на дигиталната технологија итн.). До каде сме со реформите?
Еве, ќе ја земам обуката спроведена од БРО, одржана на 20 јуни, наменета за сите наставници кои во учебната 2023-2024 год. ќе го предаваат предметот македонски јазик во VI одд., за кој е изготвена нова наставна програма за работа на наставните часови. Нови наставни програми има и по други наставни предмети, но мене ме засегнува мајчиниот јазик кој го предавам. Со што можам да ја пофалам наставната обука што ја следев, а со што да посочам на нејзини пропусти или недокажаности?
За поздравување е чекорот што советниците од БРО се потрудиле и направиле нова наставна програма за работење по предметот македонски јазик. Иако во самата програма очевидно ја нема темата што години наназад ја работиме - за историја на македонскиот јазик. Одговорот на ова прашање од страна на советниците на БРО беше дека учениците може да ги прошират нивните знаења за историјата на македонскиот јазик, вклучително за: глаголицата и кирилицата по предметот историја и дека во VII одд. ќе биде опфатена оваа тема во новата наставна програма и евентуално во новиот учебник (ако се изработи). Едногласно сите македонисти стоиме против пропустот на оваа многу важна тема, која учениците мора да ја знаат. Останува на нас дали на часовите ќе предадеме нешто од историјата на македонскиот јазик. При презентирањето на новата наставна програма научивме некои нови работи околу самата наставна организација што треба да ја направиме по насоки дадени од обучувачите од БРО, на пример, досега традиционалната Дневна подготовка за наставен час сега се заменува со Сценарио за час, запишувањето на наставната содржина во е-дневник, која ќе ја работиме на час, оди заедно со средствата за оценување (што не беше практика досега), наместо 3 постојни писмени работи, сега ќе треба да работиме 2 писмени состави со учениците, односно најмногу ќе треба да бидеме сконцентрирани на наставните средства и следењето на напредокот на учениците дадени во самата наставна програма. Од самото презентирање и појаснување за наставната програма можевме да забележиме дека некои наставни теми и содржини се повторуваат како во ланската наставна програма, а некои се нови и дополнети, на пример, во делот: наука за јазикот (комуникација – елементи и видови), литература (Епика во проза – мит), медиумска писменост (слобода на изразување и етичко однесување во дигиталниот простор, стереотипи на омраза во медиумите и на социјалните мрежи). По секоја наставна тема дадени се добри примери за активности на часовите, кои имаме слобода да ги користиме, па и да иницираме нови, во широкиот избор кој е понуден. И на крај, во самата програма се посочени инклузивноста, родовата рамноправност, интеркултурноста и меѓупредметната интеграција кои ги имаме опфатено и треба во континуитет да ги продолжиме. Програмата завршува со оценувањата на постигнувањата на учениците што ги правиме во текот на целата учебна година и овој дел за најголем дел од наставниците е веќе познат. Презентираме нова наставна програма, а не даваме конкретни, јасни одговори за единственото наставно средство – учебник без кој не би можел квалитетно да се одвива наставниот процес. Проблемот со издавањето на учебниците е веќе години наназад – или доцнат или има недостиг на учебници, а се надеваме дека конечно ќе се надмине. Нормално, новата наставна програма за работа бара и нов учебник, па и други потребни прилози во наставата кои ќе го надополнуваат и надградуваат постојниот материјал. Конкретен одговор за нов учебник по македонски јазик за VI одд. во новата учебна: 2023/2024 год. нема! Револт кај најголем дел од наставниците, а уште понесериозно тврдење на советниците од БРО, дека не е во нивна надлежност издавањето на учебници (во ред, но барем можевте да се информирате и да ни пренесете на обуката). За да биде проблемот во драмска фаза – кулминација, директорот на БРО, прашан на новинарско прашање околу издавањето нов учебник по македонски јазик, кажува дека не чувствува лична одговорност, но се надева дека до почетокот на новата учебна година учебник ќе има. Добро, останува да видиме, иако не верувам дека ќе се успее со печатењето на новиот учебник (впрочем, не е еден предмет, повеќе се). Оттука, сите наставници ќе се снаоѓаме како знаеме и умееме. Нели, мора да почнеме со првите наставни часови во септември. Како што претпоставувам, а мислам дека не грешам. Сепак, ќе покаже времето.
Што ми е целта во оваа колумна?
Кога се пристапува на изработка на нова наставна програма по некој предмет, мора доследно да се запазат авторските права и процедури при навремено издавање на ново наставно средство (конкретно, учебник) согласно таа програма што ќе треба да се применува. Не може да презентираме нешто ако пред нас го нема помошниот материјал. Истото се однесува и за наставните часови од септември. Ќе треба ли копии да правиме? Ќе треба ли стари учебници да користиме? Ќе треба ли дополнителни трошоци да правиме? И уште многу прашања кои уште отсега се јасни. Искрено, посакувам да ни се излезе во пресрет на сите нас што предаваме во настава и да ни се одмалат барем трошоците кои континуирано ги даваме за тестови, наставни ливчиња, слики, помагала во наставата, копии и копии... Значи, кога се прави една наставна реформа, таа треба да биде комплетна (квалитетна и целосна) и да не претрпи никакви забелешки. Дури тогаш ќе бидеме чекор напред, а дотогаш ќе го даваме нашиот чесен и искрен глас, кој реално не се слуша и не допира многу до надлежните. Само со добра професионална соработка резултати ќе има!
За крај: ретко кога им се излегло во пресрет на барањата и предлозите на наставниците (потажно е што никој со нив за ништо не се консултира), токму со тие кои се трудат и го даваат најдоброто од себе, кои сакаат да го направат светот подобар, кои не откажале никаква наставна послушност и кои се одговорни и доследни во она што го работат. Точно дека наставничката професија не е за секого, но имаме многу искусни и квалитетни наставници во секој поглед. Но, за тоа во некоја следна пригода. Паметно е што почнавме со реформите, но да не дозволуваме значајни пропусти уште на самиот почеток на нивното спроведување во практика.
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик