X
 18.06.2022 Наша тема

Читателот на иднината ќе има потреба да чита само 17 минути дневно!

Живееме во ера на смартфони и интернет. Секојдневната потреба од ползување на овие електронски помагала ни го троши времето што ни стои на располагање за читање книги, стрипови, весници и списанија. Се разбира, мора да бидеме објективни и да имаме доблест да признаеме дека во моментов секој тиражен печатен медиум има своја веб-страница. Тоа значи дека читањето никогаш не престанало, туку само добило видоизменета медиумска форма, односно дека наскоро мобилниот телефон ќе стане најползуваниот електронски уред во светски рамки. Затоа постои исклучително нагласена потреба во образовниот систем на секоја земја да се става поголем акцент на поттикнување на читањето и на учењето странски јазици.

Дневно секој од нас поминува во просек по 90 минути пред компјутер!

Ако почнавте да ја читате оваа статија, тоа значи дека имате две карактерни особини: Прво, знаете да читате и второ - вие сте некој што во моментов чита. Сеедно е дали сте машко или женско, иако според официјалната статистика, припадничките на женскиот пол во просек читаат повеќе од мажите. Како поткрепа на ова ќе наведам уште еден интересен статистички податок: жените што знаат да работат на компјутер го ползуваат интернетот многу повеќе за сурфање и активност на социјалните мрежи, за разлика од мажите кои ова техничко помагало го ползуваат првенствено за сурфање на интернет и за играње софтверски игри.
Се разбира дека сите имаме и мобилни телефонски апарати, а на поусовршените модели можеме да слушаме музика, да сурфаме, да играме игри и да бидеме активни на социјалните мрежи. Сево ова го правиме секојдневно, независно дали станува збор за ползување смартфон или компјутер.
Одвреме-навреме ќе прочитаме понекоја книга (во случајов не зборуваме за учебниците), весник или списание.

Швајцарците очигледно во последно време беа најљубопитни во однос на ова горливо прашање и најбрзо успеаја да обезбедат буџетски средства за да спроведат обемно научно истражување, се разбира, за тоа колку моментно читаат младите во оваа европска земја. Преостанатите податоци се базираат на претпоставки или на споредбени анализи на научниците според добиените резултати од истражувањата во повеќе земји во светот.
Тоа што во прв момент ги воодушеви швајцарските научници беше добиениот податок според кој младите поминуваат во просек 8,5 часа дневно со некој медиум. Тоа, според сите досега направени анкети во светски рамки, претставува зголемување за еден час дневно на ползување на медиумите во целост. Во просек, младите во Швајцарија два часа дневно слушаат музика и два часа дневно гледаат телевизија. Од двата часа слушање музика, голем процент се слушање музика на мобилен телефонски апарат. Оваа тенденција е во пораст. Најмалку еден час дневно тие играат софтверски игри на плејстејшн или на компјутер, а компјутерот исто така најмалку еден час дневно го ползуваат за други потреби, како што се сурфање, активност на социјалните мрежи, праќање електронска пошта, читање блогови, веб-страници, симнување апликации, програми и сл.

Обработените податоци, за жал, покажаа намалување во однос на т.н. „класично“ читање (на печатени медиуми или книги). Младите во оваа европска земја дневно околу 17 минути читаат книги, 14 минути дневни весници или/и стрипови, а само 9 минути списанија.
Веројатно ни во Македонија нештата не се разликуваат во голема мера. Впрочем, светот во тој поглед, особено со пандемијата на ковид-19, стана глобално село. Жените во Швајцарија за разлика од мажите читаат повеќе: 11 минути дневно списанија (мажите само 7 минути), а 24 минути книги (мажите само 9 минути).

Но, мажите за разлика од жените многу повеќе време минуваат пред компјутер, во просек по 90 минути дневно (!). Оваа драстична разлика научниците претпоставуваат дека е присутна во секоја европска земја, иако за Македонија не располагаме со конкретни официјални податоци. Знаеме со сигурност дека по правило машките деца, за разлика од женските, на нешто помала возраст добиваат мобилен телефонски апарат, таблет, лаптоп или компјутер како подарок.

Тој што чита повеќе, има поголема фантазија

Добиените податоци од ова истражување ги заинтригираа швајцарските научници. Имено, тие ги доведоа до едно несекојдневно откритие: компјутерот, односно сурфањето по интернет го поттикнува читањето, но и брзото стекнување потребно знаење. Младите од интернетот дознаваат многу повеќе зашто за релативно кратко време можат полесно да дојдат до многу неопходни податоци и информации. Тоа значи дека тие што интензивно сурфаат на интернет, меѓу другото, читаат и електронски списанија и весници. Тие во една поинаква смисла на зборот, иако со посредство на еден друг медиум, се вистински „книжни молци“. Тоа е логично затоа што со помош на интернетско пребарување можеме побрзо и пофокусирано да учиме, побрзо да ги примаме информациите, на пример, први да дознаеме какво ќе биде времето или кој победил на еден натпревар или веднаш да добиеме точен податок за некоја славна личност. Предноста во електронската комуникација е во тоа што преку интернетското пребарување имаме селективен пристап (т.н. „селективно“ читање) до потребната информација или податок.

За разлика од интернетското пребарување, читањето книги на читателот му нуди други полезни нешта. Тоа ја поттикнува фантазијата. Еден затвореник кој штотуку ја отслужил казната во еден руски затвор веднаш по излегувањето ја дал следната изјава за медиумите: „Успеав да преживеам зашто секојдневно читав книги.“ При читањето книга можеме да нурнеме во свет што си го замислуваме, односно што е плод на нашата фантазија. На тој начин успеваме да избегаме од реалноста, нешто што понекогаш е потребно.

Поголема шанса за вработување на подобро платено работно место


Читањето игра голема улога во изборот на идната професија кај младите. Тој што чита повеќе, има поголема рутина, побрзо и полесно успева да ги обработи податоците, а тоа значи полесно да најде подобро платена работа.
Ова го потврди една анкета направена неодамна во САД. Во оваа земја најголемиот дел од невработените се неписмени или недоволно описменети лица. Тие не научиле ни да читаат ни да пишуваат. Половина од невработените во САД ја немаат потребната способност (брзина) за да успеат навреме да ги прочитаат (да одговорат на) барањата што се наметнуваат како секојдневна потреба во современиот процес на обработка на податоци.

Речиси сите европски земји се вбројуваат во категоријата на земји со сложен обем на работни задачи на едно работно место, што значи дека во сите овие земји најголемиот дел од работните задачи се вршат со помош на компјутер или некое друго електронско (техничко) помагало, па затоа не само читањето, туку и познавањето на работата со современи електронски уреди игра значајна улога.

За жал, лицата што читаат сложени текстови со текот на времето стануваат малцинство. Тоа треба да претставува повод за загриженост во општеството, поради масовноста на оваа појава. Веројатно некои имаат слушнато за т.н. ПИСА-студија: Во училиштата во земји со слични економски карактеристики направена е споредбена анализа за да се провери дали учениците се способни да се справат со потребите што од нив ги бара општеството. Притоа, најголемиот дел од земјите во кои се спроведува оваа студија поминаа многу полошо од очекуваното.
Затоа постои исклучително нагласена потреба во образовниот систем на секоја земја да се става поголем акцент на поттикнување на читањето и на учењето странски јазици.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема