X
 01.09.2021 Наша тема

Д-р Михајло Вангелов, гинеколог: „На жените во репродуктивна возраст им препорачувам да се вакцинираат“

Сè повеќе жени ја одлагаат бременоста поради страв од зараза со коронавирусот. Сакам да ги охрабрам сите што посакуваат и планираат бременост да немаат страв и предрасуди и да ја исполнат својата најголема желба да се остварат како мајки, апелира доктор Михајло Вангелов, специјалист гинеколог од Клиничката болница - Битола, познат по неговата стручност, љубов кон работата, но и како рекордер по број на породувања во болниците каде што работел, на 24-часовно дежурство во Србија породил дури 31 трудница

Дали трудниците треба да бидат исплашени од коронавирусот?

- Тековно се прават многу истражувања за влијанието на ковид-19 врз бремените жени. Податоците засега се доста ограничени, меѓутоа, Светската здравствена организација научно тврди дека не постојат докази оти бремените жени се во поголем ризик од другата популација. Сепак, поради промените што се случуваат во нивните тела и имунолошкиот систем, досега е познато дека трудниците можат да развијат посериозна инфекција на дишните патишта. Бремените жени кои истовремено имаат и други здравствени проблеми, особено хронични заболувања на респираторниот систем, висок крвен притисок или дијабетес, имаат поголем ризик. Важно е бремените жени да ги преземат сите потребни мерки за да се заштитат од инфекцијата, како и веднаш да се јават на лекар доколку имаат некои од симптомите, вклучувајќи треска, покачена телесна температура над 37,5 Целзиусови степени, сува кашлица или тешкотии при дишењето.

Оние што се обидуваат, размислуваат, сакаат бебе сега или во блиска иднина, да се вакцинираат!

1

Дали препорачувате вакцинација на жени во репродуктивна возраст?

- На луѓето во репродуктивна возраст им препорачувам да се вакцинираат. Ова ги вклучува оние што се обидуваат да имаат бебе, како и оние што размислуваат да имаат бебе, без разлика дали тоа е во блиска иднина или за неколку години.

Што да преземат трудниците ако тестот за ковид-19 излезе позитивен?

- Во случај на позитивен тест, трудниците со лесна клиничка слика (отсуство на вирусна пневмонија и хипоксија) може да се лекуваат во домашни услови со соодветно ординирана терапија од страна на матичниот лекар/гинеколог. Хоспитализацијата на инфицираните ќе зависи од клиничката слика, потенцијалните ризик-фактори за развивање тешка форма на болеста и условите на пациентот за домашна самоизолација. Пациентите со постојни ризик-фактори треба внимателно да се следат со оглед на можната прогресија во тешка форма на болеста, особено во втората недела по појавата на симптомите.



Опишете го искуството што сте го имале со трудници заболени од ковид-19?

- Реално сум имал доста пациентки кои се соочиле со оваа болест, повеќето од нив се инфицирале во втор или трет триместар од бременоста или непосредно пред самиот термин за породување, но со сите на крај сме излегле како победници, што значи сме добиле здрави, живи бебиња со добар АПГАР-скор (прва процена на бебето), но и среќни родилки, а сето тоа благодарение на редовните контроли, правилно ординираната терапија, како и емоционалната и психолошката поддршка кај инфицираните пациентки од моја страна.

Што покажуваат светските искуства, дали оваа болест е причина за проблеми во бременоста?

- За време на пандемијата на ковид-19 на светско ниво, а и кај нас, дојде до зголемување на бројот на абортуси во првата половина од бременоста, екстраутерини бремености, но и бремености кои завршиле со предвремено раѓање. Една студија потврдува дека сите тие не се директна причина од ковид-19, туку ги опишува како колатерална штета на пандемијата поради нередовните контроли и прегледи поради страв од евентуална инфекција со коронавирусот.

Како влијае инфекцијата врз плодот?

- Зголемениот број медицински докази покажуваат дека е можно пренесување на вирусот во текот на бременоста или при породувањето, но со доста мал процент. Особено е важно да се нагласи дека сите новороденчиња што се инфицирале со ковид-19 веднаш по раѓањето, брзо оздравеле. Согласно доказите и досегашното искуство, малку е веројатно дека присуството на вирусот кај бремената жена може да предизвика проблеми во развојот на бебето. Сè повеќе жени ја одлагаат бременоста, најстарата и најмоќна човечка емоција е стравот од непознатото. Сакам да ги охрабрам сите што посакуваат и планираат бременост да немаат страв и предрасуди и да ја исполнат својата најголема желба да се остварат како мајки.

„За“ природно породување ако нема компликации, цезареата не доведува до неплодност



Еден од најголемите предизвици за бремената жена денес е начинот на раѓање, дали тоа да биде по природен пат или со царски рез?

- Пациентката треба да ја круниса бременоста со прекрасен момент и да го прегрне чедото кое го носи во себе девет месеци. Чувствувам огромно задоволство и привилегија да учествувам во таков величествен момент и да ѝ помогнам на трудницата со своето знаење сè да помине во ред. Најлоша варијанта е пациентките да ги бараат решенија од „доктор Гугл", пријателки кои скоро се породиле или од лаик без искуство. Тоа е рецепт за катастрофа. Мора да се разговара со докторот и да се донесе најсоодветното решение. Повеќегодишниот тренд на инсистирање на породување со царски рез полека се намалува поради компликациите што можат да се јават кај мајката, но и кај новороденчето. Медицината се труди, а и јас, да им ја прикаже на пациентите убавината на природното породување, а царскиот рез да се работи во случаи по строги индикации. Во некои земји како Латинска Америка имаме вистинска експанзија на царскиот рез, застапен е во 70% од случаите, а кај нас се движи од 35 до 40%. Природното породување, за мене, е најдобриот избор. Царскиот рез е процедура која го спасува животот на мајката и на бебето кога е тоа неопходно.



Дали по царски рез се препорачува повторно породување со царски?

- Царскиот рез може да биде однапред закажан кога е неопходно породувањето да се заврши така. Во состојба кога пациентката претходно била породена со царски рез, голема е можноста повторно да се породи по оперативен пат. Иако постои можност да се проба со вагинално раѓање по царски рез, тоа директно зависи од временскиот период помеѓу двете бремености, типот на рез што е направен на утерусот за време на првата операција, тежината и положбата на плодот, желбата на пациентката, искуството на акушерот и опременоста на болницата. Од друга страна, царскиот рез често е и итна операција на која акушерот се потпира во случаи на патолошки ТГ-наод, обилно крвавење, акутен скок на крвен притисок кај мајката и други итни состојби.

Дали е можна неплодност по породување со царски рез?

Кога е во прашање инфертилитетот по царски рез, се покажало дека жените што го родиле првото дете со царски рез помалку забременуваат во првите три години по породувањето. Меѓутоа, тоа е последица на користењето контрацепции за да избегнат несакана бременост или на тој начин индиректно спречиле повторен оперативен зафат во краток временски период. Така што не е докажано дека самиот царски рез влијае врз процентот за остварување наредна бременост.

Во минатото се верувало дека колку повеќе раѓа жената, толку е поздрава? Дали е точно тоа?

- Бременоста носи придобивки за здравјето на мајката, позитивни ефекти за кардиоваскуларниот систем, го намалува ризикот од карциноми воопшто, а особено на дојка. Во бременоста мајката води грижа за исхраната, се труди да биде физички активна, да зема витамини. По раѓањето менструалните циклуси и болки се регуларни во одреден процент. Но, последните студии покажуваат дека доколку жената роди дури и неколку дена по влезот во менопауза, стареењето добива забрзан тек. Тоа е поврзано со стресот од воспитувањето, облекувањето, школувањето, издржувањето, финансиите. Сè да биде умерено, па и бројот на породувања кај една жена.

2

Кои се најчести компликации при породување во последниве години?

- Болестите што во последните години се во пораст и со кои се сретнуваме во практиката на дневно ниво се хипертензија - покачен крвен притисок, дијабетес мелитус, вродени и стекнати тромбофилии, болести на тиреоидната жлезда, различни инфекции, но и депресија, анксиозност. Секоја од болестите треба внимателно да се лекува и да се следи по препорачани протоколи бидејќи секое погрешно лекување може да го загрози текот на бременоста, здравјето на мајката и на плодот.

Сведоци сме дека границата за раѓање сè повеќе се поместува. Кој е најдобриот период за жените да се остварат како мајки?

- Просечната возраст на која жените го раѓаат првото дете сè повеќе се поместува кон назад. Просекот во ЕУ во 2020 година беше 29,4 години. Во Италија 31,2 година, Шпанија 30,5 години. Најмлади родилки има во Бугарија - со 26 години просечна возраст и во Романија - 26,5 години. Во Србија со 27,8, во Хрватска 28,6 години, кај нас 26,9 години. Границата е поместена, тоа се должи на брзиот начин на живот, еманципацијата на жената, кариерата, подоцнежното поврзување со „вистинскиот“ партнер. Но, забременувањето во поодминати години носи ризици од висок крвен притисок, прееклампсија, гестациски дијабетес, абортуси, плацента превија, абрупција на плацентата... Жената која останала бремена со 25 години носи ризик за бебето за Даунов синдром 1:1250, а додека кај трудница со 40 години тој е 1:100. Заклучокот од медицински аспект е дека најдобар период за жените да се остварат како мајки е од 23 до 28 години.

На едно дежурство 31 породување

Кому му ја должите Вашата љубов кон гинекологијата?

- Грижата за жените дефинитивно беше мојот повик во животот. За тоа учев цел живот, најголеми херои ми се моите родители, иако нивните професии не беа поврзани со медицината, секој мој успех им го должам нив. Љубовта кон гинекологијата и акушерството ја добив од мојот вистински идол, мојот вујко, прим. д-р Таше Трпчевски, кој за мене претставува поим за гинекологија и акушерство, со напорна работа и многу учење постигна огромни успеси. Завршив Медицински факултет во Скопје, а специјализирав во Клиничкиот центар за гинекологија и акушерство во Белград. Тоа е градот каде што се оженив со Ана, која исто така е специјалист гинеколог акушер, градот во кој се родени моите две деца Теодор и Сташа, тоа е градот каде што се оформив како специјалист.

Важите за гинеколог рекордер по породување на ден. Водите ли статистика колку бебиња сте донеле на свет?

- Да бидам искрен, не водам таква статистика, но можам да споделам дека во едно 24-часовно дежурство сум имал најмногу 31 породување во Клиниката за гинекологија и акушерство во Белград, во Битолската клиничка болница за едно дежурство најмногу сум имал 10 породувања.

Многу експерти заминуваат од Битола, а Вие одлучивте тука да ја градите својата кариера, зошто?

- Во Клиничката болница - Битола сум вработен веќе 8 години, а како специјалист работам 3 години. Зошто Битола? Таа е мојот дом, местото каде што отсекогаш сум сакал да работам, да придонесувам и да бидам успешен. Што би рекле ние, битолчани, Битола се сака со срце, со мисла, со сета душа. Што се однесува до моите идни планови, животот е голема сложувалка составена од парчиња со различна големина, боја и значење. Но, планирам заедно со моето семејство да останеме во Битола и тука да пораснат и да се школуваат моите деца, јас и мојата сопруга да работиме и да се грижиме за здравјето на голем број пациентки.

Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема