Алберт Ајнштајн и Роберт Опенхајмер соработувале на Институтот за напредни студии во Принстон.
- Тебе ти дојде редот да се справиш со последиците од сопственото достигнување - оваа реплика Ајнштајн му ја кажал на својот колега Роберт Опенхајмер во една од последните сцени на филмот за научникот кој во 40-тите години на минатиот век стана „татко“ на атомската бомба раководејќи го проектот „Менхетен“ на американската влада.
Во филмот, Ајнштајн се појавува во подоцнежна фаза од животот, кога и двајцата работеле во Институтот за напредни студии во Принстон, каде што Опенхајмер бил директор од 1947 до 1966 година.
Тие двајца биле најважните научници во своето време, но биле обележани со значајни разлики, како во нивното сфаќање за физиката така и во верувањето дека нивното истражување може да му помогне или да му наштети на светот.
- Бевме блиски колеги и донекаде пријатели - изјавил Опенхајмер на прес-конференција во Париз во 1965 година по повод десетгодишнината од смртта на Ајнштајн.
Кој бил вистинскиот Роберт Опенхајмер?
Во филмот, режисерот Кристофер Нолан на двајцата физичари им доделува дијалози кои, иако се фиктивни, ја отсликуваат врската на преоптоварениот Опенхајмер кој барал татковски совет од Ајнштајн.
Вистината е дека иако имале значителни разлики во реалниот живот, тие имале голема почит еден за друг.
Два паралелни животи
Кога младиот Опенхајмер дипломирал во 20-тите и специјализирал за теоретска физика, Ајнштајн веќе имал добиено Нобелова награда за физика и бил клучна фигура во науката, благодарение на неговата Теорија на релативноста.
Поради зголемениот прогон на Евреите во Германија, Ајнштајн ја напуштил Европа и се преселил во Принстон, Њу Џерси, во 1932 година, каде што ја продолжил својата работа. Во август 1939 година тој го потпишал писмото упатено до претседателот Френклин Д. Рузвелт, напишано од неговиот колега Лео Зилард.
Во него тие ја предупредија Белата куќа дека Германија може да направи атомска бомба поради научните откритија за нуклеарна фисија направени во оваа европска земја.
Се верува дека токму ова довело до создавање на строго доверливиот проект „Менхетен“, на чие чело американската влада го назначи Опенхајмер во 1942 година, во време кога тој веќе бил еден од најистакнатите научници во областа. Според различни извори, 64-годишниот Ајнштајн не бил вклучен во проектот поради неговото германско потекло и левичарските идеи. Но, улога одиграло и различното разбирање на теоретската физика меѓу него и Опенхајмер.
Во филмот, Нолан се обиде да го прикаже односот што постоел меѓу овие двајца научници.
- Нивниот однос го доживеав како наставник кој беше турнат и чија работа беше заменета со работата на помлад колега - изјави Нолан.
Дали Ајнштајн учествувал во работата на атомската бомба?
Додека проектот „Менхетен“ бил во тек, филмот покажува дека Опенхајмер се сомнева во опсегот што може да го има детонацијата на атомската бомба на која тој работи.
Тој оди кај Ајнштајн да го слушне неговото мислење.
Сепак, ова е само креативна слобода на американскиот режисер бидејќи овие разговори не се случиле во реалноста како што е опишано во филмот.
- Една од ретките работи што ги променив беше тоа што Опенхајмер не се консултираше со Ајнштајн, туку со Артур Комптон, кој ја предводел филијалата на проектот „Менхетен“ на Универзитетот во Чикаго - објаснува Нолан за овој весник, додавајќи дека Ајнштајн е личност што публиката ја познава.
Опенхајмер работел помеѓу 1943 и 1945 година во лабораторијата Лос Аламос во Ново Мексико, илјадници километри од Принстон. Не е познато дали за сето ова време американскиот физичар имал средби или консултации со Ајнштајн.
Но, во 1965 година самиот Опенхајмер ги коментирал тврдењата дека Ајнштајн некако бил вклучен во создавањето оружје за масовно уништување.
- Тврдењата дека тој влијаел врз создавањето на атомската бомба, според мене, се лажни - изјавил тој на прес-конференцијата во Париз таа година.
Според него, писмото од 1939 година во кое се барало од претседателот Рузвелт да обрне внимание на способноста на Германија да изгради атомска бомба немало „буквално никакво влијание“ врз американската влада.
По успешното тестирање на првата атомска бомба, Опенхајмер се соочил со моралниот проблем дека неговата работа ќе се користи како оружје за масовно уништување, а не само како закана, како што и било докажано во август 1945 година со бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки.
Различни научници, меѓу кои и Ајнштајн и Зилард, го осудиле фактот дека бомбите биле фрлени врз овие јапонски градови бидејќи верувале дека земјата веќе била поразена.
Заплетот на филмот на Нолан е за тоа како Опенхајмер се обидел да ја убеди владата во Вашингтон да стави ограничувања на употребата на технологијата што ја развил.
Но, политичарите се свртеле против него и се сомневале во неговите минати односи со комунистите, прогласувајќи го за закана за националната безбедност и принудувајќи го да сведочи пред владиниот комитет.
Нолан во филмот се обидува да го претстави товарот што Опенхајмер го чувствувал поради последиците од бомбата
Бирд и Шервин во својата книга раскажуваат дека Ајнштајн му рекол на Опенхајмер дека не мора да подлегне на ловот на вештерки затоа што добро ѝ служел на својата земја, наведувајќи го разговорот на кој присуствувала секретарката на американскиот физичар, Верна Хобсон.
- Ако ова е наградата што ти ја нудат САД, треба да им го свртиш грбот - му рекол Ајнштајн.
Но, Хобсон тврдела дека Опенхајмер ја сакал Америка и дека неговата љубов била толку длабока колку и неговата љубов кон науката.
- Ајнштајн не сфаќа - ѝ рекол Опенхајмер на секретарката.
Ајнштајн остана запаметен по неговата изјава дека Опенхајмер е „невообичаено способен човек, со повеќеслојно образование“, кого го ценел „поради неговата личност, а не поради познавањето на физиката“.
За возврат, на комеморацијата на десетгодишнината од смртта на Ајнштајн и 50-годишнината од Општата теорија на релативноста, Опенхајмер на многу необичен начин му оддал почит на генијот со германско потекло.
- Раните дела на Ајнштајн беа неверојатно убави, но полни со грешки - изјавил Опенхајмер во Париз, објаснувајќи дека биле потребни десет години за да се едитира делото на Ајнштајн во кое тој учествувал.
Но, додал: - Човек чии грешки треба да ги поправате десет години е голем човек.