X
 01.10.2018 Економија

Албанското чудо - во што е тајната

Пред пет години Албанија се соочи со навистина лоша ситуација. Грција и Италија излегуваа од кризата, уплатите и капиталните приливи опаѓаа и економијата претрпе сериозно забавување, пишува професорот Рикардо Хаусман од „Харвард“.

Фискалниот дефицит, потсетува тој во својата колумна, порасна на повеќе од 7 отсто од БДП во моментот на колапс на пристапите до надворешните финансиски пазари, а домашните каматни стапки беа високи.

Покрај тоа, компанијата за дистрибуција на електрична енергија беше во оперативна и финансиска криза бидејќи не можеше да ја плати струјата што требаше да ја купи од компаниите за производство на електрична енергија. Неизмерните обврски и на владата и на електростопанството поттикнаа зголемување на ненаплатливите кредити во банкарскиот систем. Сите фактори на катастрофален исход беа присутни.

Брзо се префрламе во сегашноста: економијата расте со стапка од 4,2 отсто, предводена од двоцифрениот раст на извозот во земјоделството, рударството, производството, енергетиката, туризмот и бизнис-услугите.

Во периодот кога економии како Аргентина, Турција, Нигерија и Јужноафриканската Република се соочени со пад на валутата и зголемување на каматните стапки, Албанија има најниски каматни стапки и силна валута.

Доколку би ја одржала сегашната стапка на раст, смета овој економист, Албанија би можела во догледна иднина да ја стаса Германија, кога станува збор за приходот по глава на жител.

Во што е тајната на пресвртот во Албанија?

Прво, за разлика од многу земји што ја одложуваат акцијата додека не биде предоцна, албанскиот премиер Еди Рама се јави во ММФ веднаш штом стапи на власт во септември 2013 година. Неговата влада тогаш преговараше за програмата која ѝ овозможи на Албанија да добие финансиска поддршка додека ја ставаше фискалната каса во ред. Тригодишната програма заврши успешно пред речиси две години, а односот на долгот спрема БДП остана во опаѓачки тренд.

Оваа година се намалува за 2,5 отсто од БДП, додека земјата значително го шири буџетот за јавни инвестиции.

- За да можат да растат и покрај фискалната консолидација, нешто друго мора да ја влече економијата, обично извозот. И извозот расте во Албанија - видов дека тоа не е поради среќа, туку поради неуморни напори да се искористат шансите - смета економистот.

Наместо да брка подобра позиција на листата на „Дуинг бизнис“, Албанија направи приоритети во својата политика, свесна за проблемите. Таа практика веќе одамна е позната и почнува со евидентирање на проблемите, идентификување на неговите причинители и изнаоѓањето начини за негово решавање.

Тоа доведе до многу идеи кои се покажаа како моќни. Во земјоделството, на пример, им помогна на малите земјоделци да се поврзат со подобри технологии и попрофитабилни пазари, создавајќи бум во извозот на зеленчук. Во електроенергетскиот сектор владата усвои невообичаена стратегија за промена на однесувањето на граѓаните кога станува збор за кражба на електрична енергија и неплаќање, што во 2015 година доведе до пресврт од речиси 2 отсто од БДП.

Исто така, консултантските групи во производството и туризмот идентификуваа области за подобрување. Албанија вложи во закрепнувањето на своите стари градови и сега инвестира во сто села со силен агро-туристички потенцијал. Не е ни чудо што туризмот расте со двоцифрени стапки.

Тирана
Фото: Wikipedia

Дополнително, амбасадорите на земјата се користат во стратегија за промовирање на странските инвестиции преку директен ангажман со компаниите. И креаторите на политиката сега ја ангажираат албанската дијаспора.

Новините не беа само на национално ниво. Лекциите за другите земји се јасни. Успех среде тешкотии се случува кога владите ќе станат свесни за својата ситуација и за слабостите, тогаш можат да ги дефинираат и насочат своите цели и неуморно да бараат начини за постигнување на тие цели. Во овој процес земјите не се сами, порачува професорот.

Системот на меѓународната финансиска помош под водство на ММФ и институциите за развој на финансиите може да биде од голема помош. Но, земјите мора да сфатат кога и како најдобро да ја користат таа помош. Тие институции можат да ги подобрат владините капацитети, но не можат да ја заменат посветеноста на владата.

Лекцијата за Европската Унија исто така е јасна: кога размислувате за земјите пристапнички како Албанија и остатокот од Западниот Балкан, важно е да се гледа не само што биле овие земји, туку и што работат за да станат тоа што сакаат да бидат.

Албанија изгледаше безнадежно. Сега пресвртот на Албанија е извор на надеж за другите, заклучува Рикардо Хаусман.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија