Непрофитната компанија која управува со отпад од пакување и соработува со компании од голем број индустрии, „Еуро-Екопак“, заедно со Општина Аеродром на 3 ноември (недела), во 12 часот, ќе организира настан во паркот „Авионче“ во Скопје. Активноста е дел од проектот CleanAirDrom и фокусот ќе биде кон собирање отпадно стакло (шишиња, тегли итн.) за што ќе биде поставена соодветна опрема. Воедно, посетителите ќе може да уживаат и во настапите на: дуото ДНК, детскиот хор „Поточиња“ и танц-групата „Аква денс“.
Проектот CleanAirDrom го реализира Општина Аеродром, а „Еуро-Екопак“ се вклучува како поддржувач и во рамките на активностите поставени се машини за собирање пластични шишиња во девет училишта и две градинки. Секое шише има своја вредност и како директна субвенција се доделува на училиштето, односно градинката во даден временски период, а врз основа на предодредена програма која Општината ќе ја донесе за таа цел. Имајќи предвид дека во Општина Аеродром има 77.000 жители, над 2.500 деца во градинките и над 7.000 ученици во основните училишта, процените се дека на годишно ниво можат да се овозможат и до 1,3 милиони денари за 11 училишта и градинки преку овој пилот-проект. Колку повеќе се селектира, толку повеќе се донира за овие институции.
- Основана во далечната 2011 година, „Еуро-Екопак" е општествено одговорна компанија која својот развој го заснова на реализација на плански утврдените цели, имплементација на законските обврски и остварување национални цели. Стратешката определба на компанијата е градење и развивање на системот на примарна селекција на отпад, но и фокус на подигнување на јавната свест, кои заедно претставуваат основа на циркуларната економија. Лојалноста кон компаниите членки на системот и определбата на перманентна комуникација и соработка преку запознавање со законските обврски кои компаниите се должни да ги реализираат е примарна компонента во планските активности на „Еуро-Екопак“ и во наредниот период. Во таа насока ќе се стимулира развојот на процесите на примарна селекција на отпадот од пакување со вклучување и соработка со единиците на локалната самоуправа, јавните комунални претпријатија, вклучување на правните субјекти носители на лиценците за управување со отпадот, како и непосредната соработка со граѓаните како важни чинители во процесот на селекцијата – вели Лука Луковски, директор на „Еуро-Екопак“, која соработува со повеќе од 500 компании.
Проектот Clean AirDrom е финансиран од Европската Унија, кофинансиран од Швајцарската агенција за поддршка и развој преку Министерството за локална самоуправа. „Еуро-Екопак“ планира и голем број други активности за подигнување на јавната свеста во насока на почиста животна средина.
(Комерцијална објава)