X
 23.01.2018 Живот

Колку аеродроми има во Република Македонија?

Познато е дека на територијата на Република Македонија има 2 аеродроми за меѓународен воздушен сообраќај. Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Освен нив, во Р. Македонија има уште неколку аеродроми кои се со различна намена. Според Агенција за цивилно воздухопловство (АЦВ), мрежата на аеродроми во Р. Македонија е класифицирана во 3 категории, и тоа:

Аеродроми за меѓународен воздушен сообраќај;
Спортски аеродроми;
Леталишта за авиони на стопанска авијација.


Како што и претходно е споменато, во категоријата аеродроми за меѓународен воздушен сообраќај спаѓаат аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Аеродромот „Александар Велики“ се наоѓа на 25 km оддалеченост од Скопје. Полетно-слетната патека на скопскиот аеродром е со должина од 2.450 m и ширина од 45 m. Веќе неколку години последователно забележано е зголемување на бројот на патници и воведување на бројни летови кон различни европски држави, во соработка со 13 авиокомпании.

Аеродромот „Св. Апостол Павле“ се наоѓа на 9 km оддалеченост од Охрид. Полетно-слетната патека на аеродромот е со должина од 2.550 m и ширина од 45 m, заедно со 13 паркинг места за разни типови на авиони, од генерална авијација, па до авиони од типот на TU 154.

Постер за Европско Јуниорско Првенство во воздухопловно моделарство 2017, фото: Здравко Тодороски

Во категоријата спортски аеродроми со тревнати полетно-слетни патеки на територијата на Р. Македонија има 5 аеродроми, кои се адекватни за сите типови на спортска авијација. Тоа се: Стенковец (Скопје), Аџи Тепе (Куманово), Сушево (Штип), Мало Коњари (Прилеп) и Српци (Битола).

Клик за поголема резолуција

Изработка: Билјана Бабаноска

На спортскиот аеродром во Мало Коњари во Прилеп повеќе од 15 години се одржува Светски куп на воздухопловно моделарство и Европско јуниорско првенство. Учество заземаат околу 140 натпреварувачи од 20 држави. Оваа спортска манифестација овозможува посета од голем број странски туристи, со што придонесува за развој на туризмот во Прилеп.

Категоријата леталишта за авиони на стопанска авијација се состои од 6 леталишта, кои вршат услуги главно за земјоделие и шумарство и се наоѓаат во Битола (Логоварди), Прилеп (Сарандиново), Велес (Каратманово), Неготино (Црвени Брегови), Свети Николе (Пеширово) и во Росоман.

Според тоа, на територијата на Република Македонија, моментално има вкупно 13 аеродроми, со можност во блиска иднина овој број да се зголеми.

Автор: Билјана Бабаноска, дипломиран географ – ГИС / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот