02.02.2019
Живот
РСБСП со апел до младите возачи: Почитувањето на сообраќајните правила не е право на избор. Затоа, без изговори. #Вози одговорно!
Според податоците на СЗО, секоја година, во светот, околу 400.000 млади лица го губат животот во сообраќајни незгоди. Тоа значи дека, 1100 млади лица, на возраст до 25 години, секој ден го губат животот, во сообраќајни незгоди ширум светот. Повеќе од војна, повеќе од која било болест, епидемија или природна непогода, земени поединечно.
Сообраќајните незгоди се водечка причина за смртност кај лицата на возраст од 15 до 19 години, а втора причина за смртност кај лицата на возраст од 10 до 25 години.
Имајќи ги во предвид наведените факти, со право можеме да кажеме дека, сообраќајните незгоди се црната чума на 21 век.
Следејќи ги светските искуства, а водејќи се според резултатите од истражувањата на релевантни меѓународни организации, РСБСП со препораки, совети и информации за безбедноста на младите во сообраќајот:
1. Возачко неискуство. Ризикот за предизвикување сообраќајна незгода е највисок во првата година по добивањето возачка дозвола. Затоа, и покрај возачката дозвола, родителите имаат родителска обврска да им обезбедат на нивните деца, најмалку од 30 до 50 часа надгледувана пракса за возење, во текот на најмалку шест месеци. Праксата треба да се реализира на различни патишта, во различни периоди од денот и во различни временски услови. Практичната обука треба да опфати и активности за постојано скенирање на потенцијалните опасности, вклучувајќи ги и другите возила, велосипедистите и пешаците.
2. Недоволна созреаност и слаб карактер. Ризикот за предизвикување сообраќајна незгода, се зголемува кога младите возачи, возат млади сопатници во возилото. Притоа, колку е поголем бројот на сопатници во возилото, толку е поголем и ризикот. РСБСП ѝм препорачува на младите возачи, да го намалат бројот на млади сопатници во возилото на нула или на еден.
Почитување на оваа прeпорака е особено важно во првите 6 месеци по добивање возачка дозвола.
3. Неискуство во ноќно возење. Ноќното возење е опасност за сите возрасни групи. Фатални сообраќајни незгоди се случуваат најчесто во вечерните часови, но ризикот е многу поголем за младите и неискусни возачи. Според ЗБСП, младите возачи - возачите почетници, не смеат да возат од 23 часот до 5 часот наутро, во првите две години по стекнување возачка дозвола, без придружба на возрасно лице над 25 години, кое поседува возачка дозвола од соодветната категорија и на кое не му е изречена забрана за управување моторно возило. РСБСП со препорака до младите, да се почитуваат законските ограничувања и да се вежба ноќно возење во придружба на искусен возач, пред да започнат самостојно да возат во ноќни услови.
4. Некористење појас. Основната превенција од смртни случаи во сообраќајни незгоди е користење сигурносен појас. Истражувањата покажуваат дека младите возачи и сопатници најмалку користат сигурносен појас. Затоа, секогаш користете појас и барајте од своите сопатници, секогаш и задолжително да користат сигурносен појас на секое патување. Ова е основен чекор да се намали ризикот младите да бидат тешко повредени во сообраќајна незгода.
5. Рассеано возење и нефокусираност. Нефокусираност, рассеаност, невнимание - го зголемува ризикот на младиот возач да предизвика сообраќајна незгода. Истражувањата потврдуваат дека младите возачи најчесто користат мобилен телефон и возат под одвлечено внимание. РСБСП со препорака: Не преземајте активности кои можат да ви го одвлечат вниманието додека возите, како што се: зборување на мобилен телефон, испраќање порака, јадење или играње со радиото. Последиците од нефокусирано, рассеано возење - најчесто се фатални.
6. Замор. Младите возачи се во голем ризик од поспаност при возење, што е причина за предизвикување илјадници сообраќајни незгоди. Младите најмногу се поспани во утринските часови или доцна во ноќта. Затоа, планирајте го своето патување, патувајте подготвени, одморени, правете повеќе паузи и консумирајте повеќе течности додека возите. Никогаш немојте да си препишувате големи цели, не ги преценувајте своите способности и не го потценувајте заморот.
7. Несовесно возење. Истражувањата покажуваат дека кај младите недостасува искуство за правилно рассудување и зрелост за да се проценат ризичните ситуации. Младите се повеќе склони кон преземање ризик, помалку држат безбедно растојание меѓу возилата, возат слалом, неправилно престигнуваат, помалку се стрпливи и помалку се толерантни во сообраќајот. РСБСП ги советува младите возачи, да бидат совесни и одговорни и секогаш да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
8. Брзо возење и алкохол. Брзината и алкохолот изнудуваат грешки кои најчесто завршуваат со фатални последици. Возач - почетник не смее да управува возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 km/h на автопат. Возачот почетник кој поседува возачка дозвола од „Б“ категорија, не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 77 киловати. Толеранцијата за присуство на алкохол во крвта, кај возач почетник, е еднаква на нула.
Брзото возење и алкохолот се најчести причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици. Затоа, почитувај ги правилата за ограничување на брзината и никогаш не вози под дејство на алкохол.
РСБСП со апел до младите возачи: Безбедноста во сообраќајот бара сериозност, одговорност и максимално почитување на сообраќајните правила и прописи. Младоста не е и не може да биде никакво оправдување. Почитувањето на сообраќајните правила не е право на избор. Затоа, без изговори. Вози одговорно!