X
 02.03.2022 Живот

Лацио ќе им плаќа по 2.000 евра на сите што ќе се венчаат во регионот

Еден регион во Централна Италија ќе им плаќа на паровите по 2.000 евра за да се венчаат таму. Регионот Лацио, во кој се наоѓа и главниот град Рим, отворил фонд за венчавки од 10 милиони евра кој се очекува да биде активен најдоцна до крајот на 2023 година.

Веќе се примаат апликации од страна на заинтересираните парови. Може да се пријавуваат локални жители, но и туристи кои сакаат да се венчаат во регионот во текот на оваа година. Услов е и да се купат услуги и производи за венчавката од компании кои се сместени во Лацио.

Целта на фондот е да се заживее туризмот за венчавки и да им се помогне на локалните бизниси што биле погодени од пандемијата.


Фото: Pixabay

Паровите може да ги потрошат тие 2.000 евра од регионот на планирање на венчавката, облека, изнајмување место, храна, украсување, фотографи и друго. Најмногу 700 евра може да бидат потрошени на меден месец.

Од почетокот на пандемијата во Лацио се венчале само 9.000 пара, во споредба со над 15.000 во 2019 година.

Извор: Insider
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот