Нашиот живот е постојано учење и повторување. Не само на училиште, не само од книги, туку од секојдневието учиме многу работи (кога потребни, кога непотребни). Наше е да правиме разлика и да знаеме што е паметно, а што е погрешно кога сакаме нешто да прифатиме и да го научиме. Не е срамота да се знае, да се тврди нешто точно, правилно, проверено. Срамота е да се измислува, да не се знае и да се зборуваат глупости во краен случај. Оној човек што учи и знае да биде скромен и разумен, секогаш ќе биде на прав, светол пат. Тој е културен човек. Кој како го сфатил тоа е негова лична обврска и должност.
Учиме ли денес?
Учењето е потреба за сите без исклучок, особено за оние што сакаат да се надградуваат во своите знаења и вештини и секако кои имаат приоритет професионално да одат напред. Гледано од школски аспект, денес учењето стана катастрофална одбивност, за читање да не зборуваме, тоа повеќе не постои (ќе дополнам со ретки исклучоци кои така се воспитани во духот на просветата). Не би рекол дека само ситуацијата со ковидот е причина или развојот на интернет-технологијата и социјалните мрежи да не се учи и чита. Не е до тие фактори, туку до мрзоволието кое не се поправа, особено кога ќе чуеме: „е шо ќе ми е да учам“, „зошто да читам кога никој не чита“, „шо ќе ми се најди учењето во животот“... „ма каков факултет“ (додуша денес секој завршува факултет и учено и недоучено итн.), па оттука не е чудно зошто недоволно писмени кадри се во работни позиции и зошто не можеме да завршиме работа кога одиме на шалтер и сл. Неучењето, непознавањето, нестручноста, неискуството си го прават своето, а тоа води кон недисциплина и неснаодливост. Марко Цепенков бил самоук целиот свој живот, па во наследство ни оставил трајно книжевно богатство – „Зборник со народни умотворби“, кои ги собирал со интерес целиот живот. Денес имаме многу Цепенковци, ама за жал, не се трудат да мрднат со прст и да придонесат за добросостојбата на себе и на општеството. Најважно било по цел ден да се пијат кафиња, да се користи телефонот максимално и да се чека утрешниот ден. Така е скоро во секоја институционална дејност. Повторувам, чест и благодарност што постојат луѓе кои мислат со своја глава и се изделуваат од масата која смета дека учењето не е важно во животот и дека безделничењето не носи резултат. Многу е очигледно колку неписменоста зема замав и како тоа поминува тукутака, што е всушност штета насекаде, а никако решение. Многу слушаме и читаме работи кои спаѓаат во црна хроника, а образовните теми и емисии, па и фестивали скоро се заборавија и не постојат.
Се прашувам дали тоа време ќе се врати и конечно да мрднеме од некое место. Тешко, затоа што повеќе никој за ништо не се интересира. Волја има, ама не се покажува, исто е и со желбите и способностите. Нераскинлив е тој процес кога се започнува со читање, спознавање, истражување, па да се дојде до крајна цел. Браво доколку некој останал доследен на овој процес. Можеби ќе се подобрат работите, којзнае, па ќе се почне со вистинско и квалитетно учење како од книгата така и од животот. Оти само со писмен човек можеме најдобро да се разбереме и да имаме заеднички јазик. Писменоста сме ја наследиле од кирилометодиската мисија и традиција, а каде е денес? Знаете и гледате самите колку сме доследни на неа. Денес ученици не ја знаат македонската азбука, не знаат правилно да пишуваат итн.
Влогот во себе е влог во иднината
Оние пред пензија, па и пензионерите ќе кажат: „Ние нашето го поминавме, како така стигнавме до пензија, сега на вас младите е редот и останува да го продолжите нашиот пат.“ Правилно е така, меѓутоа, колку тоа влијае врз денешните генерации е дискутабилно прашање затоа што не постои алтернатива што може да влијае да почне вистински и посветено да се образова и да се знае за понатаму да се биде вешт и квалитетен во професионалната ориентација. Не е ни чудно што повеќето ученици гледаат само денот да им помине на школо наместо да ги искористат своите наставници и професори и да знаат нешто повеќе, нешто ново и значајно. Такво нешто нема, односно на школото почнува да се гледа како на мачилиште, наместо на пријатно и убаво место на дружба, социјализација, развивање навики и умеења... Впрочем, има многу што да се научи ако се сака, ама изгледа не се сака. Секое учење во животот е од корист и придобивка затоа што влогот во себе е влог во иднината, а тоа се постигнува со многу труд и способности и никако поинаку. Без учење не може да се оди напред, а најлесно е да не се прави ништо. Токму затоа уште од најмала возраст прво родителите од домот треба темелно да ја всадат навиката за учење кај своите деца, па на школо и на која било работна позиција да бидат тоа веќе ќе биде стекнато искуство што е многу полесно да се надградува и да напредува. Само ако доследно и коректно се вложува во себе, придобивките и резултатите ќе бидат видливи и позитивни. Секој е кројач на својата иднина и на својот животен пат.
На моите и на сите ученици им посакувам среќно и успешно да ја завршат учебната година, како и да имаат пријатно лето. Им порачувам да не се срамат да учат и да бидат отворени и јасни кон целите што ги имаат во животот. Така ќе бидат посреќни и задоволни и само така ќе бидат на прав пат. И понатаму сум уверен дека имаме интелигентни деца и прекрасна младина, кај која само малку е потребно за да се разбуди талентот што го носат во себе и да почнат да дејствуваат.
Автор: професор Александар Адамовски