X
 02.08.2021 Наша тема

Илинденки: Мајки и невести на комити, медицински сестри, војвотки, со пушка в раце или револвер в пазуви...

Македонската илинденска историја е позната и по уште еден значаен момент, кој можеби недоволно е акцентиран во историските раскази. Жените и улогата на жените во Илинденското востание, но општо и во целата македонска револуционерна борба имаат големо значење кое заслужува признание рамноправно на херојствата на револуционерите

Која била улогата на жените во времето на Крушевската Република? Колку во јавноста се познати детали за револуционерната улога на жените? Дали илинденската борба би била можна без учество на жените?
Македонија денеска го слави 2 Август, како национален празник кој е столб на македонската борба за независност и самостојност.
На овој ден го чествуваме Илинденското востание во 1903 година и прогласувањето на првата република на Балканот и првото заседание на АСНОМ во 1944 година, каде што се поставени темелите на современата македонска држава. Илинден 1903 и асномски Илинден 1944 се континуитет на кој денешните генерации се горди чувари на ова славно минато.
За Илинденското востание, Крушевската Република, како и за револуционерното македонско движење, историјата запишала многу славни моменти, многу трагедии, но и многу херојства на револуционерите.
Македонската илинденска историја е позната и по уште еден значаен момент, кој можеби недоволно е акцентиран во историските раскази. Жените и улогата на жените во Илинденското востание, но општо и во целата македонска револуционерна борба имаат големо значење кое заслужува признание рамноправно на херојствата на револуционерите.


Фото: krusevo.mk

Жената е дел од револуционерната идеја

Професорката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја вели дека жената била присутна во создавање на револуционерната идеја, но во рамките на општествените и на културните услови во тоа време.
Жените се присутни во Илинденското востание и како мајки на востаниците, но и како млади жени со сопрузи и свршеници.


Наташа Котлар-Трајкова / Фото: Приватна архива

- Треба да имаме предвид дека тоа е конзервативно патријархално време. Жената секако дека не можела да дејствува на начин како што денес дејствува. Но, сепак, ликот на жената е присутен во формирање на четите, каде што знаат да бидат конспиративни. Присутни се со пренесување на оружје, муниција, во подготовка на храна, како медицински сестри - објаснува професорката Котлар.
Според неа, жените биле присутни во еден дел на востаничката територија, особено во охридско-струшкиот крај.
- Главниот војвода Никола Петров-Русински е социјалист по убедување, па затоа и таму женската популација е поприсутна. И неговата свршеница Константина Бојаџиева е учесничка во востанието. Жените работеле во здравствениот сектор. Имале илегална болница и постојано оделе со востаниците. Жените работеле и на подготовка на знамињата. Тие ги определувале материјалите, дизајнот и ги везеле знамињата. И во Серскиот санџак имало жени, тука Ана Малешевска е важен женски лик. Активни жени има и во Велес и во Крушево - заклучува професорката Котлар.

Баба Пара - мајка на сите комити

Ретки се, но во историјата на револуциите треба да се истакнат и стариците. Еден таков лик во македонската историја е баба Пара Матева-Грдановска, која го добила епитетот - мајка на комитите.
Иако во историските читанки многу малку можат да се најдат податоци, сепак, за неа е запишано дека со години по ред нејзината куќа била свртилиште на комитите и револуционерите. Од нејзината куќа излегувале или влегувале цели групи востаници, за да се пресоблечат, да земат оружје или да го остават. Честопати во пазувите ја криела востаничката архива, револверот или некое друго оружје. Велат дека таа не прашувала и не сакала ниту да ги знае имињата на тие млади и стари дејци на револуцијата.
Куќата на Баба Пара била само една од неколкуте куќи во Крушево во кои сопствениците на разни начини ја помагале подготовката за претстојното востание. Широката тајновитост на подготовките на востанието не била можна без позитивната улога на крушевчанките. Секој граѓанин што бил вклучен во револуционерното движење бил должен неговата куќа секогаш да биде отворена за илегалните членови, оружјето, материјалите и др. Во Крушево се случувало во цела недела во некоја од куќите да престојува нелегална чета на организацијата, а сето тоа не можело да се реализира без активно учество на крушевчанки.
Меѓу жените што биле најактивни се споменуваат Коца Негревска, баба Калја Ќуќуровска.


Фото: krusevo.mk

Охридските жени најактивни во востанието

Но, не е само Крушево таков пример во кој жените имале голема важност во револуционерното движење. Во Илинденското востание, а особено во периодот на подготовките, жените од Охридскиот Регион играат клучна улога. Каква била македонската жена, покажува и настанот од формирањето на една од четите во Охрид со која раководел Христо Узунов. Во неа учествувале и пет жени, меѓу кои и мајката на Христо Узунов, неразделна сопатница и соработничка во револуционерната работа на својот син.
Малкуте историски белешки покажуваат дека ретко има жена во Охрид што не зела учество во пренесувањето  оружје. Тоа најчесто било складирано во рибарските куќи, од каде што потоа било пренесувано до определени куќи во другиот крај на градот. Пренесувањето низ градот било на многу оригинален начин кој го смислиле жените. Пушките ги пренесувале скришно под подолги фустани, наметнати со пелерини. Ова биле најчести начини за пренесување, иако понекогаш се глумело и организација на свадби или погреби во кои жените ја имале главната улога.

Војвотки за почит

Во историјата се запишани и имиња на револуционерки. Некои од нив станале и војвотки. Таков е примерот со Сирма-војвода и Румена-војвода. И двете биле толку популарни меѓу народот, што се опеани во македонските народни песни поради нивната пожртвуваност во борбата за ослободување. Во народната песна, Румена-војвода е опеана како планинска царица.
Меѓу истакнатите револуционерки е и Константина Евтимова-Русинска. Била учителка, а во 1901 година зела пушка в рака.

Насловна фотографија: krusevo.mk
Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема