Во скопската населба Капиштец почнува со работа новото Основно училиште „Киро Глигоров“
- Станува збор за прво ново изградено училиште на територија на Општина Центар по цели 5 децении. Училиштето во населбата Капиштец почна да се гради во 2016 година, а целокупната изведба на проектот е во вредност од 5,5 милиони евра. Името на училиштето беше избор на граѓаните. На анкетата што ја спроведовме на нашата веб-страница во јули годинава Киро Глигоров беше името што освои најмногу гласови. Училиштето е со модерен дизајн и архитектура, изградено според највисоки стандарди за објекти во кои престојуваат и се образоваат деца. Особено сум горд на фактот што „Киро Глигоров“ е инклузивно училиште, во чиј состав ќе функционира и посебен Дневен центар за деца со церебрална парализа. За таа намена, изградивме и комплетно уредивме простор според нивните потреби, но и целиот училиштен објект го адаптиравме на потребите на овие деца - изјави Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.
Училиштето е завршено 3 месеци пред предвидениот рок.
- Практично, спасивме едно цело тромесечје. Oва училиште го решава повеќедеценискиот проблем на жителите од Капиштец, кои повеќе нема да треба да ги носат своите деца во училишта во другите населби затоа што од денеска имаат училиште во својата населба - рече Богдановиќ.
Раководителот на секторот за уредување на градежното земјиште и животната средина во Општината и проект-менаџер на новото училиште, Кире Секуловски, истакна дека иако се работеше за капитален проект од секој аспект, по само 3 години училиштето ширум ги отвора вратите за своите први ученици.
- Училишната зграда се протега на површина од 12.100 квадратни метри и дворна површина од 4.100 квадратни метри. Влезот за ученици е од споредната и помалку фреквентна улица „Адам Мицкиевиќ“, а влезот за возила е од улицата „Васил Ѓоргов“. При изведбата на проектот водевме грижа за зачувување на постојните дрвја и зеленилото, па така и целиот објект го поместивме од предвидената градежна маркица. Ниту едно дрво постаро од 40 години не е исечено, а на местото на оние што моравме да ги отстраниме засадуваме нови - рече тој.
Секуловски истакна дека сите материјали вградени во училиштето се од сертифицирани компании од САД, ЕУ и домашните компании. Фасадата на училиштето е структурална, стаклена и самовентилирачка, а со тоа и енергетски ефикасна, што значително ќе ја намали потрошувачката на топлинска енергија во зимскиот период и ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот. Училиштето се состои од приземје, 2 ката и подземен паркинг со капацитет за 104 возила. Во дворот на училиштето се наоѓаат спортски терени за фудбал и одбојка, урбана опрема – клупи и високостоечки ламби за ноќно читање, 26 паркинг-места и простор за партерно и хортикултурно уредување, а целата дворна површина, вклучувајќи ги и игралиштата, е осветлена со ЛЕД-енергетско ефикасно осветлување.
Внатрешноста на училиштето е со модерно уредување и стандардизиран ентериер на училници и простории во согласност со возраста на учениците. Освен тоа, водена е грижа за квалитетот на воздухот во училиштето, за што се поставени рекуператори за прочистување на воздухот, но и за начинот на греење и осветлување, одржување на хигиената, безбедноста и достапноста до новите технологии. Училиштето е поврзано на централното градско затоплување со греење на целиот објект без радијатори, вградени се антибактериски и антиалергени подови, ЛЕД-енергетско ефикасно осветлување, посебни тоалети во секоја училница во ниските одделенија, посебни тоалети и посебен лифт за децата со церебрална парализа, противпожарен аларм во секоја просторија, мрежа за безжичен интернет од сите оператори итн.
Во состав на училиштето има 21 училница со акустика на простор, 7 специјализирани кабинети за предметна настава, спортска сала и гимнастичка сала, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал, како и инклузивна просторија – Дневен центар за деца со церебрална парализа.
Сите училници и кабинети се опремени со стандардни школски табли, прожектори и смарт-табли со повеќе функционалности на допир, во кои е вграден софтвер кој овозможува интерактивно искуство во учењето, а на наставниците им нуди широк спектар на алатки за поддршка во секојдневната настава.
Секој од специјализираните кабинети располага со соодветна опрема за предметот кој во него се изучува. Бироата во сите училници и кабинети имаат довод за мрежен интернет, а во кабинетите за хемија и физика, покрај доводот за мрежен интернет, до секое ученичко биро има и довод за вода и струја кои се неопходни за изведување училишни експерименти.
Сите училници и кабинети се со противпожарен алармен систем и противпожарни влезни врати со отпорност на пожар до 30 минути.
Спортската сала е по ФИБА-стандарди, трпезаријата е по ХАСАП-стандарди, а посебниот Дневен центар за деца со церебрална парализа е според стандардите и потребите на корисниците.
Саша Богдановиќ и Кире Секуловски упатија посебна благодарност до компанијата „Вардар градба“, изведувачи на проектот, надзорниот орган „Завод за испитување на материјали“ (ЗИМ)- Скопје, тимот проектанти на основниот проект од „Инком инженеринг“ и архитектот на идејниот проект - Бесиан Мехмети, како и до сите подизведувачи и колеги од Општината што беа вклучени во реализацијата на проектот.