X
 03.02.2023 Живот

Алпинистите Глигор Делев и Надир Мурсели искачија шест врвa при експедиција во Јужна Америка

Шест планински врвa повисоки од 3.000 метри надморска височина во неколку земји од Јужна Америка, од 12 јануари до 1 февруари, искачија алпинистите Глигор Делев и Надир Мурсели. Нивната експедиција била насочена кон врвови и вулкани што се наоѓаат на над 3.000 метри, а најмногу достигнале до 5.700 метри надморска височина.

Во Мексико ги искачиле Круз де Маркес (Cruz de Marques-3.937м.н.в.), Пико дел Агила (Pico del Augila-3.880 м.н.в.), Невадо де Толука (Nevado de Toluca-4.780 м.н.в.) и Пико де Орисаба (Pico del Orizaba-5.000 м.н.в.).

Во Гватемала се искачиле на Ел Акатенанго на 3.976 м.н.в., додека се откажале од намерата за искачување во Перу поради политички немири. На крајната дестинација во Боливија се искачиле на Чакалтаја (Chacaltaya-5.421 м.н.в.), додека на Хуајна Потоси (Huayna Potosi) стигнале до 5.700 метри надморска височина и се откажале поради временските неприлики да стигнат до највисоката точка од 6.088 м.н.в.

- Мојот личен мотив беше да се оди во Јужна Америка на што повеќе врвови во различни делови. Исто така, мотив ни беше што повеќе да се биде на висина од над 3.000 метри надморска височина. Тоа е голем предизвик за планинарите затоа што над 3.000 метри се јавува хипоксија (недостиг на кислород) и тоа е една ситуација сосема различна кога сме на нашите планини тука, како Титов Врв, Љуботен. Да се искачиш на овие високи планини треба прво добро да се аклиматизираш. Константно да се качуваш на тие височини, па да се слезе пониско, да се менува височината. Мора да се слуша како реагира телото - изјави Надир Мурсели, алпинист кој живее во Тетово.

Дел од врвовите на кои се искачиле претставуваат неактивни вулкани, а забележале и дел од активните вулкани како се активираат.
- Се работи за планини кои не се технички тешки, туку чисто за искачување на височина. Инаку, во екстремниот спорт има луѓе кои се качуваат на пет до седум илјади метри надморска височина. Боливија ми остави најголем впечаток поради спецификата на планините, но и животот во таа земја - ни изјави Мурсели.

Алпинистот Глигор Делев е вториот Македонец што се искачил на Монт Еверест во 2007 година. Роден скопјанец (1960), кој живее и работи во Канада како доктор, Надир Мурсели на планините низ светот највисоко стигнал на Хималаите – на Ајланд Пик на 6.200 м.н.в., а учествувал на експедиции на врвовите Денали (Мекинли) и Аконкагва.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот