Пештерата во која тајландските момчиња и нивниот тренер пред една година беа заробени е претворена во туристичка атракција. Во близина на пештерата се наоѓа статуа од нуркачот кој умре во текот на мисијата за спасување на членовите на фудбалската екипа „Диви свињи“ од поплавената пештера.
- Неверојатно е тоа што се случи тука. Следев сè од Австралија - вели туристот Џон Мекгован, откако се фотографирал во центарот за посетители што се наоѓа на околу 100 метри од влезот на пештерата Там Луанг.
- Сакав да видам со свои очи - додава тој, иако е разочаран затоа што пештерата е забранета за посетители.
За неколку долари туристите можат да добијат слики од самото место, да земат постери од фудбалерите и маица на која се наоѓа лицето на Саман Гунан, тајландскиот нуркач кој почина во обид да ја спаси групата.
Фото: AFP
Постои глобален интерес за Мае Саи, местото каде што 12 момчиња и нивниот тренер влегле и заглавиле во пештерата на 23 јуни 2018 година. Тие заглавиле откако се зголемило нивото на водата. Храбрата мисија за нивно извлекување будно ја следеше целиот свет, а траеше цели 18 дена.
Пештерата, која претходно имала околу 5.000 посетители годишно, по случката стана главна дестинација за странските и тајландските туристи.
- Тука се случи чудо со децата - вели сингапурскиот турист Чеонг, додавајќи дека Там Луанг има духовна страна.
Округот Мае Саи, каде што се наоѓа пештерата, се сметал за место воопшто непривлечно за странските туристи. Но, меѓу октомври 2018 година и април оваа година 1,3 милион луѓе го посетиле местото.
Владата сега има големи планови за областа околу пештерата, издвојувајќи 1,6 милион долари за изградба на трговски комплекс, ресторани, хотели и неколку кампови надвор од националниот парк.
Во туристичкиот центар посетителите можат да го посетат муралот „
Херои“, на кој се прикажани младите фудбалери и премиерот Прајут Чан-оча, кој служи како потсетник за тоа дека владата имаше голема улога во спасувачката мисија. Во срцето на муралот е лицето на Саман Гунан, тајландскиот нуркач кој почина во текот на мисијата.