X
 04.02.2021 Живот

Според германскиот закон, новото чоколадо со сок од какао не може да се нарекува чоколадо

Германскиот „Ритерспорт“ го засладил новото чоколадо со сок од какао, а со тоа се поставило прашањето дали новиот производ може да се нарекува чоколадо во Германија.

Иако звучи чудно, германскиот закон за какао и чоколадо вели дека чоколадото содржи состојки како какао-маса, какао во прав и путер од какао, како и видови шеќер. Производителите што го прекршуваат законот може да бидат казнети, а во екстремни случаи може и да добијат забрана за продажба.

„Ритерспорт“ планира да пласира на пазарот ново чоколадо во кое шеќерот е заменет со природен сок од какао произведен во Никарагва. Од компанијата се жалат дека германскиот закон не е доволно ажурен кога станува збор за чоколадото.

- Апсурдно е чоколадото до 100% какао да не може да се нарекува чоколадо во Германија бидејќи во него не е додаден шеќер. Ако колбасите може да се направат од грашок, на чоколадото не му е потребен шеќер. Вразумете се! - изјавил Андреас Ронкен, извршен директор на „Ритерспорт“.


Фото: Pixabay

Од компанијата изјавиле дека лобираат за менување на законот. Сокот од какао генерално има статус на прехранбен производ во ЕУ, но според компанијата, производот што се претставува на пазарот не содржи доволно шеќер за да се смета за вид засладувач според законот. Од друга страна, законот вели дека чоколадото мора да содржи производ од какао и вид шеќер.

Доколку не се смени законот, компанијата би можела да го пласира производот со друго име, како „овошна плочка од какао“.

Германското министерство за храна и земјоделство не гледа проблем сокот од какао да се користи како засладувач во производството на чоколадо и затоа смета дека новиот производ би можел да се продава како чоколадо.

Автор: Маријана Матковиќ
Извор: 24sata.hr
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот