X
 03.05.2024 Живот

Корисниците бесни на „Нетфликс“ поради новата одлука - дел од нив сакаат да ја прекинат претплатата

„Нетфликс“ неодамна воведе голем број новости на својата претплатничка видео-платформа, како што е воведување на модел што вклучува прикажување реклами и забрана за споделување лозинки меѓу корисниците.

Многумина негодуваа на ваките одлуки, но на крајот се покажа дека овие одлуки биле паметно донесени бидејќи влијаеле на растот на бројот на претплатници, а со тоа и на приходите на компанијата.

Откако компанијата објави нов пакет за одредени пазари кој вклучува прикажување на огласи, а кој е поевтин од другите пакети, „Нетфликс“ првично им оневозможни на новите корисници од Велика Британија, Канада и САД да се претплатат на моделот кој не вклучува огласи, а потоа најавија дека целосно ќе го укинат баш тој модел и за сегашните корисници.

На корисниците на тој модел во Велика Британија, Австралија и Канада „Нетфликс“ неодамна им испрати мејлови со известување дека основиот претплатен пакет завршува на 4 јуни и дека тој ден тие автоматски ќе бидат префрлени на модел на претплата што вклучува реклами.

Иако „Нетфликс“ се обиде да им ги објасни предностите на новиот модел на корисниците, на многумина не им се допадна промената, па своето незадоволство го изразија на социјалните мрежи каде се заканија дека ќе ја прекинат претплатата.

„Нетфликс“ им објасни дека ќе бидат префрлени на поевтин пакет што ќе изнесува 4,99 фунти месечно, наспроти претходниот кој изнесува 7,99 фунти месечно. Освен пониската цена, претплатничкиот пакет со реклами носи и повисок квалитет на слика (1080p во однос на 720p), а корисниците ќе можат да гледаат филмови, серии и документарни филмови на два уреди истовремено, наместо на еден како досега.

Но, се чини дека претходните претплатници на тој пакет немаа проблем со резолуцијата и гледањето на содржина. Со оглед на тоа што корисниците на „Нетфликс“ се навикнаа на одредени стандарди и искуства без реклами низ години, се чини дека на повеќето сегашни корисници ќе им биде поудобен стандардниот пакет-претплата без релками. А месечната претплата за ваков пакет е 10,99 фунти, па јасно е зошто дел од корисниците се фрустрирани и зошто барем на социјалните мрежи се закануваат дека ќе ја бојкотираат и ќе престанат да ја плаќаат претплатата.

Извор: Tech radar
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот