Европската комисија даде условна дозвола за ставање во промет на лекот „ремдесивир“, кој стана првиот медикамент за лекување на Ковид-19 со дозвола на ниво на ЕУ.
Од Брисел наведуваат дека одобрението е издадено по забрзана постапка по препораки на Европската агенција за лекови кои ги усвоиле и земјите-членки.
Се додава дека издавањето на одобрението траело само една недела од препораката на Европската агенција за лекови во однос на вообичаените 67 дена колку што обично ѝ се потребни на ЕК за да одобри некој производ.
Комесарката задолжена за здравството, Стела Кириакидес, истакна дека со ова е направен значаен чекор во борбата против вирусот.
- Фактот дека одобрението го дадовме за помалку од еден месец од поднесувањето на барањето покажува колку ЕУ е подготвена да реагира што побрзо кога ќе се појави некој нов лек. Ќе го превртиме секој камен во обид да обезбедиме ефикасно лекување или вакцина против коронавирусот - истакна таа.
Од Комисијата наведуваат дека лекот сега е дозволен за условно пуштање во промет, што е еден од механизмите на ЕУ направени за да се обезбеди ран пристап до лековите потребни како одговор на итни ситуации, како што е моменталната пандемија.
Насловна фотографија: Pixabay