X
 03.07.2026 Живот

Дабари спречија поплави кај железничка станица во Лондон

Колонија дабари, која пред три години беше вратена во своето природно живеалиште во западен Лондон, помогна во спречувањето поплави на железничката станица Гринфорд, така што го забави протокот на вода со изградба на брана.

Животните со својата брана го забавиле протокот на вода и го намалиле оптоварувањето на одводниот систем, соопштија учесниците во проектот за нивно повторно населување.

Како што наведуваат учесниците во проектот, од пристигнувањето на дабарите станицата Гринфорд повеќе не се поплавува по обилни дождови.

Во рамките на проектот беше истакнато и дека колонијата успешно напредува, како и дека годинава се родени најмалку две младенчиња.

Ветеринарот и експерт за заштита на природата Шон Мекормак изјави дека претходно на речната вода ѝ биле потребни само неколку минути за да стигне до Гринфорд, додека сега таа поминува низ низа брани на дабарите и сложен систем на мочуришта.

- Тие го забавуваат протокот на вода при обилни врнежи. Истовремено овозможуваат водата да се впие во земјиштето, кое сега е значително повлажно околу самиот водотек, додека мочуришните живеалишта што ги создаваат ја задржуваат водата многу подолго - рече Мекормак.

Тој наведе дека сега се потребни повеќе часови за водата да помине низ секоја брана, додавајќи дека системот дал резултати.

- Веќе во текот на втората зима од нивото пристигнување немаше поплави, а ниту во текот на третата зима, која штотуку заврши, не е забележано поплавување во подрачјето кое беше особено загрозено - рече Мекормак.

Младенчињата, кои се родени минатата недела, во вечерните часови излегуваат од дувлото, па жителите на Парадајс Филдс се собираат за да ги фотографираат и снимаат.

- Иако сум научник, оваа глетка ме трогна и мене. Првото младенче се појави минатата недела, а мајката нежно го туркаше и го потопуваше во водата бидејќи младенчињата во почетокот се многу влакнести и лесно испливуваат на површината. Беше фасцинантно да се набљудува таа интеракција - рече Мекормак.

При силни дождови дабарите го забавуваат протокот на вода со изградба на брани и со создавање мочуришни подрачја кои ја задржуваат водата, со што се намалува притисокот врз одводниот систем низводно.

Дабарите, познати како природни градители, целосно исчезнале од Велика Британија пред повеќе векови поради крзното, месото и мирисните жлезди, а во Илинг беа вратени во 2023 година, по што почнаа да го менуваат изгледот на тоа подрачје.

Извор: 021.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот