Во периодот кога нацистите пустошеле низ Европа во доцните 30-ти и 40-ти години, уметноста и уметничките дела почнале да исчезнуваат од домовите на еврејските семејства и од европските музеи.
Голем дел од еврејските колекционери побегнале, оставајќи ги зад себе своите богатства. Други станале жртви на ужасниот геноцид оркестриран од силите на Хитлер. Музеите и другите приватни колекции биле ограбени од окупаторите. По војната се чинело дека многу уметнички дела биле засекогаш изгубени. Сепак, благодарение на посветената работа на историчари на уметност, активисти и преживеани членови на семејствата, голем дел од уметничките дела им биле вратени на вистинските сопственици. Ова го вклучува и неодамнешното враќање на слика од сликарот Каспар Нетшер на 101-годишната ќерка на поранешниот сопственик на сликата.
Хитлер го искористил ограбувањето на приватните домови од страна на неговите сили за да собере вредни богатства за продажба, со евентуален план да создаде музеј во кој ќе се наоѓаат ремек-дела како прослава на неговиот режим. Биле украдени илјадници слики, книги и други скапоцени дела. Во 1943 година сојузничките сили ја формирале програмата за споменици, ликовни уметности и архиви за да ги заштитат историските предмети. По војната, нивната примарна должност била откривање и враќање на украдените уметнички дела. Оттогаш историчарите на уметност ја продолжиле потрагата по овие дела.
Една слика имала прилично долго патување. Во 1940 година нацистите ја нападнале Холандија. Џоан Хендрик Смит ван Гелдер, директор на детска болница и страстен колекционер на уметнички дела, скрил 14 од неговите слики во трезорите на банката Амстердам во Арнем во обид да ги заштити од нацистите. Години подоцна, во 1945 година, нацистичките сили извршиле рација во банката и ја зеле сликата „Портрет на Стивен Волтерс“, дело на сликарот Каспар Нетшер. Делото од 1683 година го прикажува трговецот Стивен Волтерс. Сликата порано се наоѓала во трпезаријата на Смит ван Гелдер.
По војната, холандската Влада успеала да врати 8 од украдените слики на Смит ван Гелдер. Сепак, „Портретот на Стивен Волтерс“ останал изгубен со децении. Ќерката на Смит ван Гелдер, Бишоф ван Хемскерк, постојано го барала ова посебно парче уметност.
- На сите ни недостигаше оваа слика бидејќи беше дел од нашиот секојдневен живот. Таа е прекрасна слика, прекрасно насликана, со суптилна комбинација на бои на прекрасниот капут и изразот на лицето на овој навидум дарежлив, импресивен човек - вели таа.
Во меѓувреме барала и Комисијата за ограбена уметност во Европа, со седиште во Лондон. Тие успеале да ја најдат сликата во галерија во 50-тите години, на аукција во 1969 и потоа во приватна колекција во 1971 година. По преговори со колекционерот, сликата конечно ѝ била вратена на Бишоф Хемскерк во 2021 година. Таа одлучила да ја продаде сликата за доброто на своето семејство, со оглед на тоа што нејзиниот татко починал уште во 1969 година. Сликата била продадена за 52.000 долари. Исто така, семејството неодамна продало уште едно успешно вратено дело од Јакоб Охтервелт, за 2,4 милиона долари.
Од 1999 година Комисијата за украдена уметност во Европа помогнала да се вратат над 3.500 дела на вистинските сопственици. Во тоа време се проценувало дека повеќе од 100.000 дела сè уште биле изгубени. Веројатно некои биле уништени, други однесени во музеи, а повеќето во приватни колекции.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото:
Sothebys.com