X
 03.11.2024 Технологија

ВИ може да ги користи фотографиите од туристите за да помогне во следењето на пингвините на Антарктикот

Вештачката интелигенција сега ни овозможува побрзо и попрецизно следење на колониите на аделиските пингвини на Антарктикот, користејќи фотографии направени од туристите за поддршка на еколошките истражувања.

Во моментов, секој има камера во својот џеб, така што огромната количина податоци што се собираат низ светот е неверојатна, вели професорката Хедер Линч од Универзитетот „Стони Брук“ во Њујорк. Линч и нејзиниот колега Хаоју Ви користеле алатка на вештачка интелигенција развиена од „Мета“ за да ги забележат пингвините на фотографиите направени од туристи или истражувачи. Под стручно водство, алатката може да открие цели колонии за само неколку секунди, додека рачната идентификација може да трае многу долго.

Исто така, истражувачите користеле сателитски снимки за да создадат 3Д-модел на пејзажот на Антарктикот, овозможувајќи прецизно поставување на фотографии и колонии на пингвини во тој 3Д-модел. Моделот нуди поширок поглед на промените во колониите, со што им помага на научниците да ги следат промените во популацијата на пингвините со текот на времето и врз основа на нивната локација.

Ени Шмит од непрофитната организација „Поинт блу конзеврејшн сајнс“ вели дека следењето на колониите пингвини е прв чекор во разбирањето на промените на популацијата, додека Питер Фретвел од „Бритиш антарктик срвеј“ ја гледа вештачката интелигенција како потенцијално вредна алатка за следење на ретко посетените колонии.

Но, Фретвел укажува и на загриженоста за влијанието на туризмот бидејќи честите тури би можеле да промовираат понатамошна туристичка експанзија.

- Дел од научниците се загрижени дека со охрабрување на туристите да се занимаваат со граѓанска наука ние ги оправдуваме нивните патувања - објаснува тој.

Други експерти сметаат дека влијанието на туризмот е минимално со оглед на строгите регулативи.

Извор: New Scientist
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија