Среќна околност е што сме „подобна“ држава за учество во програми за истражување кои се финансираат од разни светски и европски фондови. Меѓутоа, ние од УКИМ сме соочени со речиси непремостливи пречки при административното работење на вакви проекти поради фактот дека средствата пристигнуваат на трезорска сметка на УКИМ
Проф. д-р Иван Блинков од Шумарскиот факултет од Скопје е еден од шестемина најдобри научници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за 2017/2018 година. Три децении неговата работа е фокусирана на ерозија на земјиштето и порои. Со него, меѓу другото, разговараме за состојбата на научната мисла, за слабиот интерес за студирање на оваа област. Признава дека му значи признанието од колегите да биде избран за најдобар во научното поле на биотехнички науки.
На што бевте посветени во последните години и за што е поточно наградата?
- Наградата создава чувство на огромно задоволство, но истовремено е и дополнителна мотивација за поинтензивна работа и реализација на идни планови кои ќе бидат од особен интерес за специјалноста во која работам. Тука, пред сѐ, мислам на изработка на нова Карта на ерозијата на РМ, делинеација на ерозивни и подрачја подложни на ерозија на РМ, како и истражувања во врска со деградацијата на земјиштето и опустинувањето кај нас. Од 2015 година наваму се интензивираа активности во научното подрачје во кое работам - наука за земјиштето и хидрологија, во дисциплините заштита на земјиштето од ерозија и порои, упрaвување со непогоди, управување со сливови, деградација на земјиштето и опустинување.
Македонија, со ратификацијата на некои конвенции, како и со транспонирање на разни директиви во домашната легислатива, презеде обврски, со што се отвори и поле за работа. Тука мислам на Национален акциски план за борба со деградација на земјиште и опустинување и т.н. Национален извештај за неутралност на деградација на земјиштето, па и активности во врска со Рамковната директива за води во чии рамки произлезе и истражување во врска со дефинирање на Индекс на функционалност на крајбрежјето на Преспанското и Охридското Езеро. Од друга страна, пак, во 2015 и 2016 се случија катастрофални поплави, после што се јави интерес кај јавноста и надлежните институции, но и странските донаторски агенции, па и ова придонесе за преземање разни активности, меѓу кои и научни истражувања, а особено Акцискиот план за заштита од ерозија во Скопскиот Регион, како и слични активности за Шар Планина.
Сите овие активности беа реализирани со странска финансиска поддршка. Покрај ова, во соседството се одржа и светски конгрес на Светската асоцијација за конзервација на почва и вода – WASWAC, каде што бев и воведничар, а оттаму произлезе и посебна монографија посветена на оваа проблематика со избрани трудови. Потоа бев избран во советодавното тело на светската асоцијација во која сме само двајца од регионов. Работев и на eден проект во врска со управување со земјиште и вода во регионот. Од сите овие активности произлегоа неколку трудови во журнали и зборници од конференциите.
Проценти од БДП одвоени за наука (извор: https://www.theglobaleconomy.com/)
Науката во Македонија е многу споредна работа, ако судиме по парите што се издвојуваат за неа. Дали понекогаш се чувствувате како Дон Кихот кој се бори со ветерници за да ги реализира своите проекти?
- Факт е дека за науката се издвојуваат малку средства. За споредба може да послужи и процентот од БДП кој се издвојува за наука. Во светот, во периодот од 1997 до 2015 овие вложувања имаат континуиран раст и се движат од 1,97% (1995) до 2,227% (2015). За разлика од светските, за истиот период во Македонија, во 1997 овој процент изнесува 0,4%, па во 2007 паѓа на 0,17% и оттогаш има раст до најмногу 0,53% во 2014 или четири пати помалку отколку светскиот просек.
Во 2015 година процентот од БДП кој се издвојува за истражување и развој на светско ниво изнесува 2,227%, додека пак во ЕУ е 2,14%.
Држави што вложуваат најголем процент од својот БДП во 2015 биле: Израел (4,27%), Кореја (4,23), Јапонија (3,28), Шведска (3,26), Австрија (3,07%), Данска (3,01), Финска (2,90), Германија (2,88), САД (2,79%).
Од ова се заклучува дека истражувањето и развојот се маргинализирани во Македонија. Среќна околност е што сме „подобна“ држава за учество во програми за истражување кои се финансираат од разни светски и европски фондови. Меѓутоа, ние од УКИМ сме соочени со речиси непремостливи бариери при административното и финансиското работење на проекти финансирани од странски фондови поради фактот дека средствата пристигнуваат на трезорска сметка на УКИМ. Поради ова, се случува да дојде и до неможност за навремено исполнување на обврските што сме ги презеле заедно со партнерите од другите држави и, всушност, ние како партнери го кочиме целиот конзорциум. Поради ова, многумина научници се откажале од реализација на вакви проекти каде што носечки партнер од државава треба да биде УКИМ, што е непогодно за универзитетот.
Одамна е алармирано за ова, но еве веќе десет години нема никакви суштински промени. Ако државата не вложува доволно во наука, на што укажуваат бројките, барем да не ни создава бариери за работа на проекти финансирани од странски фондови.
Каков е интересот за студирање на Шумарскиот факултет и што им е најпривлечно на младите?
- На Шумарскиот факултет со последната акредитација од 2013/2014 има три студиски програми: Шумарство, Пејзажно дизајнирање и Екоинженеринг и екоменаџмент. Во минатото бројот на запишани студенти на прв циклус се движеше околу 60, од кои дипломираа во просек 34. Во последните години се соочуваме со намален број на студенти на прв циклус, па така годинава оваа бројка падна на 29 студенти на сите студиски програми. На втор циклус на двете студиски програми: Шумарство, Озеленување и унапредување на животната средина се запишуваат најмногу до пет-шест студенти. Просечно годишно магистрираат 1,76 студенти.
Интересот за специјалноста во која работам е исто така слаб. За овие 31 година колку што работам на факултетот, ако ги исклучам вработените на факултетот, на оваа област (Земјиште и хидрологија) магистрирале четворица, а докторирале двајца. Сѐ на сѐ, интересот е слаб од различни причини и ова е комплексен проблем со кој се соочуваат и многу други факултети, пред сѐ, сродните - Факултетот за земјоделски науки и храна и Природно-математичкиот факултет.
За подрачјето на Македонија важи дека има голем интензитет на ерозија на земјиштето, а една од причините е и оголувањето на зелените површини со децении. Како оваа појава влијае врз квалитетот на животот кај нас?
- Интензитетот на ерозијата зависи и од природните и од социо-економските фактори. Државите од Јужна и Југоисточна Европа се далеку поподложни на ерозија отколку оние од Средна и Северна Европа. Просечниот годишен интензитет на ерозијата во Европа изнесува 3,18 t/ha. На Балканот оваа вредност изнесува 5,25 t/ha, a пак, за државите од Западен Балкан просекот е 7,403 t/ha.
Притоа, интензитетот на ерозија во Европа е највисок во Албанија (18,7 t/ha), Црна Гора (12,5 t/ha), па Италија, Швајцарија, Португалија, Грција, Романија, Молдавија, а во оваа група е и Македонија, со просечен годишен интензитет од 6,9 t/ha.
Интензитетот на ерозијата е резултат на релјефните, климатските и педолошко-геолошките карактеристики, на кои човекот не може да влијае, како и покровноста и начинот на користење на земјиштето. Намалувањето на зелените површини од разни причини, пред сѐ, пожарите, но и интензивните бесправни сечи, како и несоодветни земјоделски и градежни и рударски активности, значително влијаат. До Првата светска војна Македонија била соочена со масовно уништување на шумите, а некаде во 1914 почнуваат првите пошумувања на голини, кои се интензивираат по Втората светска војна, а особено во периодот од 1971 до 1990 (период на постоење на Фонд за пошумување на голини) кога годишно се пошумуваа повеќе од 5000 хектари.
Според пишани податоци, во РМ се пошумени повеќе од 200.000 ха голини, но поради разни причини, (пожари, напади од инсекти и болести, бесправни сечи, суша, па и несоодветно пошумување) не е познат процентот на успешност, а се претпоставува дека е над 60%.
Иван Блинков
Голем проблем со ерозијата во минатото имале земјоделците во ридско-планинскиот регион, што придонело за намалување на приносите и е една од причините за нивна миграција. Ерозијата има и некои офсајд-ефекти: поројни поплави и транспорт на големо количество еродиран материјал во подножјата на планините, таложење нанос во населени места врз инфраструктурни објекти или на земјоделско земјиште, заполнување на акумулациите со нанос, механичко загадување на водите со нанос и влијание врз акватичниот екосистем итн.
Токму во 2015 и 2016 година се случија катастрофални поројни поплави во Тетовскиот и во Скопскиот Регион каде што имаше и 28 жртви. Притоа, токму поставеноста на населените места на насоката на ударот на поројните водотеци доведе до огромни штети во многу села и субурбани населби каде што урбанизирањето е вршено без план. Единствена населба низ која тече можеби најопасниот и најфреквентен порој во РМ (Џепчишки порој), каде што нема објекти во ризичната зона е селото Порој, каде што населението соочено со овој проблем во минатото самото нашло начин „како да избегне ризик“. За жал, кај другите населби не е таков случај. Во многу населени места во РМ има барем по еден опасен порој, но незнаењето и сиромаштијата придонеле да се градат куќи токму на најопасните места, па токму тие луѓе и страдаат.
Поројни надојдувања во Македонија
Во Австрија, Швајцарија, Германија постои зонирање на теренот околу пороите, при што постојат: црвена зона (забрана за градби), жолта зона (дозволено со противерозивни/противпоројни мерки) и зелена зона (слободна градба).
Една од активностите, во иднина, би требало да биде вакво зонирање кај нас, што би придонело за зголемување на сигурноста и безбедноста на населението.
Покрај ова, треба да се преземат и мерки за одржување на постојните системи за заштита од ерозија и порои, а тука, пред сѐ, мислам на зачувување на Водно, особено во делот од Припор до Нерези, кој бил и е потенцијално опасен за Скопје, каде што се изведени масовни противерозивни/противпоројни работи во минатото. Меѓутоа, со неодржливи активности, опасноста се зголемува како, на пример, со градбата на патот за Сончев Град.