Наскоро факултетот ќе добие ново име и ќе стане Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ (во чест на еден од првите професори на овој факултет), со цел да се зголеми видливоста и популарноста
Шумарскиот факултет од Скопје годинава запиша само 18 студенти во трите насоки, а прима вкупно 120. Електронски се пријавиле уште осуммина, меѓутоа, немаат положено државна матура. Законот за високо образование е дециден дека средношколци со положена училишна матура не може да се запишат на факултет. Со ова академската 2019/2020 година е рекордна според малиот број на запишани студенти.
Деканот на овој факултет, Кирил Сотировски, вели дека постојат повеќе причини за оваа појава. Сите биле и ќе бидат предмет на дебати, размислувања и анализи.
- Сепак, најголем проблем гледам што секторот шумарство во Македонија, па и во регионот севкупно, ја губи привлечноста бидејќи долги години е на раб на економска одржливост. Освен тоа, државата, односно властите во изминативе години подзаборавија да се позанимаваат со суштински работи и во секторот и во високото образование. Конечно, мое лично мислење е дека самиот збор шумарство низ годините доби негативен контекст и пошироката јавност не е запознаена со сите позитивни аспекти, па и можностите за работа што се врзани со шумарството, и тоа не само во Македонија, туку воопшто - вели Сотировски.
фото: Шумарски факултет
Тој бара извесна одговорност и од професорите во средните школи, односно менторите на матурантите кои требало повеќе да ја истакнат потребата или неминовноста од полагање државна матура доколку се сака да се продолжи образованието.
- Веројатно има и несреќен сплет на околности бидејќи ланската генерација (2018 г.) со право беше „амнестирана“, бидејќи тогаш новиот Закон за високо образование беше донесен по неколку месеци откако средношколците веќе се решија каков тип матура ќе полагаат. Тоа што се случи во 2018 година беше протолкувано како попуштање и веројатно многумина помислија дека истото може да се случува и годинава. А законот е јасен и дециден - на факултет не може да се запише матурант без положена државна матура! – посочува деканот.
Сотировски смета дека МОН треба да им излезе во пресрет и ним како на факултет и на матурантите. Дури и вонредно полагање државна матура би можело да им помогне на овие млади.
- Кога толкав број потенцијални студенти со јасно изразена желба за студирање нема да го остварат правото, а ресорното министерство е ригидно во однос на толкувањето на правото, веќе сум спремен да ги наречам за технократи без политички сенс. И прашувам јасно и гласно - чии права ќе бидат загрозени доколку барем во третиот уписен рок се овозможи запишување на студентите со училишна матура, а без положена државна матура? На крајот на краиштата, нели можеше да се организира вонредно полагање државна матура, надвор од вообичаените термини? Дали не може да се дозволи „условно“ запишување, со можност за полагање државна матура во некој разумен период? Се прашувам дали треба да робуваме на закони и акти, дури и кога се работи за најдобрите, кога постојат или се случуваат реално лоши ситуации кои не служат добро никому? - вели тој.
Фото: Шумарски факултет
Како да се привлече вниманието на идните студенти? Сотировски најавува дека наскоро факултетот официјално ќе се преименува во Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, во чест на Ханс Ем (6 јуни 1898 Марибор – 9 јули 1992 Скопје), инженер, професор на Шумарскиот факултет во Скопје, најстариот член на МАНУ. Идејата е да се зголеми видливоста и популарноста, а сметаат дека ова подескриптивно име ќе предизвика повеќе интерес кај потенцијалните студенти, но и дека пошироката јавност ќе осознае што сѐ се учи и работи на факултетот со децении.
- Искрено се надевам дека оваа формална промена ќе предизвика и мобилизација на наставниот кадар, кој со право е резигниран поради незавидната состојба во која се наоѓаме и како факултет, и генерално како високо образование, и како научни работници. Конечно, искрено се надевам дека и на одговорните политички структури конечно ќе им заѕвони ѕвончето и ќе разберат дека сме веќе 5 минути по 12 часот, не само на Шумарскиот факултет, туку и во високото образование, па и пошироко - категоричен е Сотировски.
Проф. д-р Кирил Сотировски, декан на Шумарскиот факултет (фото: Јутјуб)
Многу работи што се надвор од нашата директна моќ треба да се променат на ниво на држава, институции и ресор, за шумарството да го добие заслуженото место, додава тој.
- Се заборава дека повеќе од 40 отсто од територијата на Македонија е шумско земјиште и шуми, и ако ништо друго, барем заради тој факт мора да се разбере важноста на шумарството. За жал, постојат и голем број бизарни проблеми, кои се на граница за неверување. Еден од нив постојано го истакнувам - Шумарскиот факултет веќе повеќе од 10 години функционира без ниту еден асистент! Каква е таа држава, какви се тоа политички дејци кои на единствениот факултет што се занимава со проблеми од шумарството, кој патем е еден од трите основачките факултети на УКИМ, повеќе од 10 години не му одобрува вработување на помлад академски кадар? Освен што на тој начин губиме и млади кои можеби се гледале во академските води, а не добиле шанса, недостигот на асистенти се одразува и врз квалитетот на наставата и, на крајот на краиштата, и врз успехот во научните истражувања. Да не споменувам дека образувањето академски кадар е многугодишен процес и дека повозрасни професори потешко и помалку успешно можат да го прават тоа. Замислете семејство без деца и упорно тврдете дека не е дојден моментот, а брачниот пар е веќе во одминати години... Затоа и велам дека ми е веќе бизарно што ни се случува толку долго - револтирано завршува Сотировски.