Бутан веројатно е најсреќната земја во светот. Исто така, таа е и една од најзелените земји. И тоа не е случајност. Всушност, кралот Џигме Синге Вангчук го создаде Индексот на бруто-национална среќа врз основа на четири столба: одржлив развој, заштита на животната средина, зачувување на културата и добро управување. Другите земји земаат пример од Бутан бидејќи кралството не само што е јаглерод-неутрално туку е и јаглерод-негативно.
Како дестинација за патување, Бутан останува уникатна земја што се наоѓа меѓу силно индустријализираните соседи Кина и Индија. Изолираната нација беше отворена за странски посети во 1974 година и дозволи телевизори во 1999 година.
Бутан ја изгради одржливоста во рамките на својот национален идентитет.
- Нашите просветлени монарси неуморно работеа за развој на нашата земја балансирајќи го економскиот раст внимателно со социјалниот развој, одржливоста на животната средина и културното зачувување; сето тоа во рамките на доброто управување - изјави Тшеринг Тобгејм, премиер на Бутан, во текот на ТЕД-говорот во 2016 година.
Фото: caramonds.com
Всушност, уставот бара 60 отсто од земјата да бидат зачувани и заштитени како шума. Еден од начините на кои земјата го одржува ова е контролиран туризам со ниско влијание.
Oсвен ако не сте од Индија, Бангладеш или Малдивите, тогаш ќе ви биде потребна виза за да ја истражувате оваа земја. Освен визата што чини 40 долари, туристите мора да платат и дополнителни 200 до 250 долари „минимална дневна такса“ и да резервираат преку официјално одобрен оператор на тури. Таксата може да ги збуни или премисли потенцијалните посетители, така што вреди да се разјасни за што станува збор: таа опфаќа сместување во хотел со три ѕвезди, обезбедени се сите оброци, лиценциран туристички водич, кампување и опрема за пешачење, домашни патувања (исклучени се летовите) и даноци и такси. Во овој пакет е вклучена и дневна такса за одржлив развој.
Парите одат за финансирање на образованието, здравствената заштита и намалувањето на сиромаштијата, заедно со градење инфраструктура за сместување на растечкиот број на туристи.
- Здравствените установи во Бутан се бесплатни, а бесплатни се и основното и средното образование - велат од Советот за туризам во Бутан.
Постојат многу причини зошто Бутан е јаглерод-негативна земја. Покрај своите заштитени шуми, ова кралство има освоено светски рекорди за садење најмногу дрвја на час.
- Соодносот на луѓето со земјишната маса - тоа е со иста големина како Швајцарија со само една десеттина од населението. Првите патишта биле изградени во 60-тите години, што значи дека луѓето многу доцна набавиле автомобили - вели Ерин Леви, автор на туристичкиот водич за
Бутан.
- Сепак, голем дел од луѓето сега првпат се среќаваат со сообраќаен метеж во Тимбу, единствениот главен град во Азија каде што нема семафори - вели Леви.