X
 03.12.2019 Живот

Половина од вработените во „Епл“ немаат факултетска диплома

Голем број студенти сметаат дека стекнувањето факултетска диплома е единствен начин да се вработат во водечките светски компании како „Епл“, „Гугл“ и „Нетфликс“. Но тоа не е точно.

Истакнатите лидери на технолошки компании, како генералната директорка на „Сименс“ во Америка, Барбара Хемптон, и извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, ја преиспитуваат потребата од факултетски дипломи.

Кук неодамна изјави дека околу половина од вработените во „Епл“ немаат факултетска диплома. Овој податок се однесува на вработените во САД. Тој заклучи дека многу факултети на студентите не им ги даваат потребните вештини за пазарот на трудот, како што е кодирањето.

Хемптон ја отфрли идејата дека четиригодишното студирање гарантира подготвеност за кариера.

diploma
Фото: Pexels


- Често во огласите за работа се бара факултетска диплома, но во реалноста дипломата за работата за која аплицира кандидатот воопшто не е потребна - тоа само им помага на нашите менаџери за вработување да направат селекција - изјави неодамна Хемптон.

Технолошките компании како „Гугл“ и „Епл“ вработуваат работници што поседуваат вештини потребни за извршување на работата, со или без диплома.

„Линкдин“ открива дека многу денешни големи компании не бараат вработените да имаат факултетска диплома. По детална анализа на податоците, „Линкдин“ идентификува специфични позиции што веројатно ќе ги пополнат оние што немаат диплома, вклучувајќи електротехничари, механички дизајнери и маркетиншки претставници.

Но, без оглед на тоа, барем засега се чини дека се исплаќа младите да имаат факултетски дипломи. Работниците што имаат завршено високо образование заработуваат повеќе од 932 долари неделно од просечниот работник, се наведува во најновиот извештај на американскиот Завод за статистика.

Генералниот директор на „Епл“, Тим Кук, потсетува дека нивната компанија беше основана од Стив Џобс, кој се запишал на факултет и подоцна се откажал. Поради тоа, политиката на компанијата отсекогаш била дека не е потребна диплома за некој да биде успешен.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот