Поранешната извршна директорка на Ај-би-ем, Џини Ромети, вели дека најдоброто нешто што работодавците би можеле да го направат за развивање на нивниот бизнис, нивната работна сила и нивната заедница е да престанат да вработуваат работници врз основа на четиригодишната факултетска диплома. Всушност, моменталниот извршен директор на оваа компанија сподели дека за 43 отсто од отворените места за работа во Ај-би-ем не е потребна традиционална факултетска диплома.
Ромети, која работи во компанијата речиси 40 години, е гласна за потребата да се преиспита вработувањето во технолошката област, особено во период кога четиригодишните факултети можат да чинат многу, додека придружните програми, стручните училишта, курсевите и други обуки базирани на вештини се подостапни и можат да бидат поприспособливи на брзината на технолошките иновации.
- Без еднаков пристап до техничка обука и можности дигиталната ера ќе остави многу луѓе зад себе.
Пандемијата, која предизвика најнееднаква рецесија во модерната историја, ја разоткри и ја влоши оваа поделба. Според извештај од „Вашингтон пост“, професиите што ги работат канцелариските работници закрепнаа од пролетниот економски пад. Речиси 6 од 10 факултетски образовани вработени можеле да продолжат да работат од дома во текот на кризата, во споредба со 1 од 7 работници со средношколска диплома.
Најтешко погодени од сегашната рецесија се мајки на деца на училишна возраст, Афроамериканци, мажи со шпанско потекло, Азијци, помлади Американци на возраст од 25 до 34 години и луѓе без факултетски дипломи.
Со влијанието на пандемијата, која ги забрзува трендовите на пазарот на трудот, како што се раширената автоматизација и дигитализација, инвестициите на работодавците во вештините на работната сила се поважни од кога било. Ромети сподели три работи што работодавците треба да ги имаат како приоритет наместо факултетски дипломи.
Прво: - Ценете ја нечија склоност да научи повеќе. Тоа е поважно отколку неговите
вештини - вели таа. Фокусирањето на нечија способност за учење наместо на она што веќе го научила целосно го промени начинот на кој таа ги гледа кандидатите за работа.
- Сега сакам кандидатот да биде љубопитен, и тоа може да се тестира кога вработувате некој - вели таа.
Второ, таа верува дека компаниите треба да им понудат на вработените системи за учење управувани од вештачката интелигенција. Тоа го споредува со платформата „Нетфликс за учење“. Оваа компанија им обезбеди на работниците неколку почетни курсеви за вештини за кои им е потребна обука. Врз основа на нивните перформанси, како и нивните интереси и цели како работници, платформата ќе им служи со дополнителни курсеви приспособени на нивниот пат во кариерата во „Нетфликс“.
На крај, работодавците мора да бидат транспарентни во врска со вештините што навистина им се потребни од работниците.
- Постојат многу луѓе со вештини. Можеме да ги научиме на тврди вештини, но тие сами треба да поседуваат меки вештини - вели таа. Според неа, приоритетот е бизнис-императив, како и социјален.
- Останува ние да го промениме општеството засекогаш - вели таа.
Извор:
CNBC
Фото: Screenshot/YouTube