Владата го прогласи Куршумли ан за културно наследство од особено значење. Со оваа одлука на предлог на Управата за заштита на културното наследство, Куршумли ан, кој е изграден во средината на ХVI век и кој претставува споменик на културата, се овозможува трајно зачувување на анот во изворна состојба.
- Со оваа одлука се овозможува ширење на вредностите и значењето на Куршумли ан, како и спречување дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање на овој културно-историски споменик од архитектонското наследство – соопштуваат од Владата.
Се претпоставува дека овој објект, кој денес е една од градбите што се туристичка атракција на Старата скопска чаршија, е изграден во 16 век. Сигурни податоци за подигањето на анот не постојат, но се мисли дека на основите на некоја стара зграда Турците го доѕидале и го приспособиле за карван-сарај, по угледот на некои такви анови градени на Исток.